Ѕвездата број еден на годинашниот „Оф-фест“ е харизматичната португалска пејачка Марија Жоао

Програмата на 24. „Оф-фест“ носи широка и богата лепеза на жанрови и емоции

Долгогодишната програмска политика да се направи избор и да се донесе најдоброто од Европа и од глобалниот свет во областа на „музиката на светот“ ќе се реализира и годинава на 24. „Оф-фест“ од 5 до 8 јуни во Националната опера и балет и во МКЦ.

Возбудлива, разнолика и раскошна програма ќе донесе 24-тото издание на фестивалот што го разубавува овој период од годината во Скопје. Константа што со години го карактеризира „Оф-фест“ се широкиот дијапазон на звуци и величествените бои што ги носат различните култури во светот. На фестивалот е важно да се слушне најновото од областа на „музиката на светот“, но и да се почувствуваат емоциите на врвните изведувачи, кој често премиерата на своите најнови дела ја остваруваат во Скопје.

Фестивалот ќе се одржи во четири вечери, од кои првите три, од 5 до 7 јуни, се лоцирани во објектот на Националната опера и балет, додека последната вечер, на 8 јуни, ќе се одржи во Младинскиот културен центар.

– На дваесет и четвртиот „Оф-фест“ ќе се претстават врвни артисти од осум земји од светот во веројатно најсилната програма во последниве години. Ѕвездата на фестивалот несомнено е грандиозната пејачка Марија Жоао. По Лисабон, на „Оф-фест“ е првата европска концертна премиера на нејзиниот волшебен нов проект – „Абундансиа“. Покрај Жоао во програмата се присутни уште неколку големи ѕвезди на таканаречената „музика на светот“, како „Канцоњере Греканико Салентино“ – најдолговечниот и водечки фолк ансамбл во Италија, кој годинава со спектакуларна турнеја слави 50 години активно музицирање. Па финскиот револуционер на хармониката, Кимо Похјонен, нашиот музички великан Драган Даутовски, а тука е и „Сахарскиот Хендрикс“, како што го нарече „Гардијан“ гитаристот Вје Фарка Туре, денес една од најголемите африкански ѕвезди. Африканската вечер ја надополнува новата ѕвезда, Флоренс Адони од Гана. Конечно, со својот прекрасен глас ќе се претстави Јулија Козакова од Словачка, а завршетокот е отстапен за два извонредни гитарски бендови, унгарците „Мордаи“ и нашите „Луфтанза“. Следејќи ја убавата филмска традиција, во придружната програма на „Оф-фест“ ќе биде прикажан и култниот бразилски документарен филм „Саравах“. Листата на музичари на „Оф-фест“ носи широка и богата лепеза на жанрови и емоции, вистинско богатство на музичката разноликост. Годинашната селекцијата ќе ја збогати и онака раскошната историја на „Оф-фест“, што е мојата примарна цел – истакнува Оливер Белопета, уметнички директор на фестивалот.

Специјално за отворањето на фестивалот на 5 јуни ќе настапи нашиот музички великан Драган Даутовски придружен од неговиот син Ратко. Даутовски е етномузиколог, музичар, композитор и научен работник, но и неуморен промотор на македонската музика на сите светски меридијани.

Драган и Ратко Даутовски

Истата вечер ќе настапат и „Канцоњере Греканико Салентино“. Веќе половина век ансамблот создава исклучително возбудлива музика и одржува сензационални живи настапи. Основани во 1975-та од фамилијата Дуранте, а сега предводени од визионерот наследник Мауро Дуранте, тие континуирано ги негуваат своите корени од јужна Италија и ја носат традиционалната жештина на сцените низ светот.

Втората вечер ќе ја отвори Кимо Похјонен, кој е своевиден револуционер на хармониката, а заради специфичниот стил на свирење е исклучителен и во глобални рамки. Имајќи ги предвид неговите уникатни проекти и композиции, Похјонен е еден од ретките артисти кои создале нов и независен жанр. Магијата на неговата музика веќе сме ја почувствувале во Скопје и затоа очекувањата од неговиот настап се големи.

Кимо Похјонен / Фотографија: Мина Хатинен

Ѕвездата број еден на годинашниот „Оф-фест“ е харизматичната португалска пејачка Марија Жоао. Нејзиниот опус е манифестација на слободата која ја нурна во најдлабоките акустични традиции, а со еднаква леснотија ја вивна и во електрониката. Марија Жоао е глобално признаено живо богатство. Неодамна објави албум со кој ја прослави 40-годишната кариера. Снимен во Лисабон и во Мозамбик, „Абундансиа“ (2025) е плоча за нејзиното враќање кон корените.

Фокусот на третата вечер ќе биде насочен кон Африка. Гитаристот Вје Фарка Туре од Мали успева да биде виртуоз на инструментот, а притоа да ја негува традицијата и вешто да разговара со сегашноста. Тој е маестрален гитарист, а истовремено држи изведувачко-авторски курс којшто постојано добива на интензитет, а важно е да се забележи и дека низ неговото богато творештво постојано се проткајуваат пораките за мир, толеранција и љубов.

Вје Фарка Туре / Фотографија: Кис Диоура

Истата вечер ќе настапи Флоренс Адони со нејзината група од Гана. Нејзината музика е синтеза од Фрафра госпелот и живиот и оптимистички хајлајф звук. Станува збор за повеќеслоен приказ на инструментална виртуозност, испревртени синкопирани ритми и богати вокални хармонии.

Последната вечер, на 8 јуни, ќе се одржи во Младинскиот културен центар и ќе ја отвори привлечната словачка пејачка Јулија Козакова, која со веќе широка европска репутација за првпат доаѓа во Скопје. Козакова на фестивалот ќе настапи во формација на трио, придружена од гитара и бас.

Јулија Козакова / Фотографија: Ондреј Ирша

Финалето на годинашниот „Оф-фест“ ќе донесе звук на моќни електрични гитари со настапот на „Мордаи“ од Унгарија и нашите „Луфтанза“. „Мордаи“ е фолк-рок бенд кој во најголема мера е инспириран од репертоарот на унгарските експериментални фолк-музичари од 60-тите и 70-тите години, чиј специфичен звук го отсликува мрачниот дух на друмските одметници. Многу брзо по првиот сингл групата се наметна како важен дел од сцената во Будимпешта и се претстави на некои од најважните унгарски фестивали и клубови.

„Луфтанза“ се формираа во 2020 година и со четири албуми, пет години подоцна, прераснаа во кормиларите на свежиот бран во македонската алтернативна музика. Вредни, енергични и исклучително скромни, овие талентирани музичари ја претставуваат генерацијата на која ѝ е јасно дека формулата е многу едноставна – со искрена љубов и многу труд, резултатите пристигнуваат сами.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 283, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31.05.-01.06.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот