Премиерата на „Ехо на баронот“ се одржа на „Денови на македонски кореографи“

Програмата „Импулси“ на „Танц фест Скопје“ ќе претстави четири современи кореографии

Во рамки на 21-то издание на „Танц фест Скопје“ на 5 мај, со почеток во 20 часот, на сцената на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи уште една значајна вечер посветена на современата танцова уметност. Публиката ќе има можност да проследи четири моќни и концептуално различни изведби во продукција на Скопје танцовиот театар, во соработка со домашни и меѓународни уметници.

На сцената во МКЦ ќе се изведат кореографиите „Ехо на баронот“, во кореографија и концепт на Дејан Битровски, на музика на Herzel, сценографија на Матеа Мијановиќ, а ќе настапат Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит и Нина Петрушевска. Претстава ја истражува психолошката манипулација во современото општество преку темите на синдромот Минхаузен и неговите модерни манифестации. Танцот, музиката и визуелните елементи прикажуваат како под влијание на медиумите и социјалните мрежи, луѓето создаваат искривени верзии од себеси, борејќи се да го задржат својот автентичен идентитет. Примиерата на оваа претстава беше изведена на малата сцена на Националната опера и балет на отворањето на „Денови на македонски кореографи“.

Потоа следи „Џез токата“ во кореографија на Рисима Рисимкин, а настапуваат Илина Костова и Моника Шолевска. Ова е дипломска изведба на студентки од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Претставата е инспирирана од музичка експресија и импровизација, со фокус на техничка прецизност и енергична динамика.

Веднаш потоа е дел од „Госпоѓиците од Авињон – Бунтот на Венерите“ во кореографија на Олга Панго, на музика на Калиопи. Инспирирана од истоимената слика на Пикасо, оваа фрагментарна балетска претстава ќе се изведе од студентки на Катедрата за балетска педагогија – УГД – Штип. Преку бунтовнички движења и силен сценски израз, танчерките го истражуваат женскиот идентитет и неговата еволуција во уметноста и општеството.

На крајот, премиерно ќе се изведе кореографијата „Несовршен Превод“ на Гилда Чезарио, гостин кореограф од Италија и Скопје танцовиот театар 2. Претставата истражува што се случува кога се обидуваме да пренесеме чувство, мисла или движење од еден јазик во друг. Оваа претстава ја истражува токму таа транзиција – местото каде што настануваат грешки, празнини и нови значења. „Imperfect translation“ е прослава на недоразбирањата како потенцијал за нова креативност, автентична комуникација и поетски израз.

Учеството на студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ е дел од проектот „УГД – Чекор кон светот 2025“.

Скопје танцовиот театар е единствената современа танцова компанија кај нас која во континуитет работи од 2011 година, а чија работа е во организација на културниот центар „Интерарт“. Компанијата има продуцирано над 70 претстави во четиринаесетте години на своето постоење.

Во 2022 година оствари историско гостување на сцената на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, а гостувањето на претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисимкин, париската критиката го оцени како „брилијантна претстава на авангарден кореограф“.

Скопје танцовиот театар гостувал и на престижни сцени ширум светот: на „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД, „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, „Meet in Beijing“ во Пекинг, Кина, „Верона Шекспир Фринге Фестивал“, Верона, Италија, како и во многу други градови низ Европа и Азија. Работата на Скопје танцов театар е поддржана од Министерството за култура.

Програмата на „Танц фест Скопје“ е организирана од културниот центар „Интерарт“ и поддржана од Министерството за култура и туризам, како и од долгогодишните поддржувачи Виталија, Бовин, Витамини.мк, Францускиот институт во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип, Македонскиот народен театар, МКЦ, Националната галерија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот