
Продолжува судењето за „Онкологија 2“, поранешните директори на клиниката обвинети за штета од 36 милиони евра
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Онкологија 2“ против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, обвинети за несовесно работење, злоупотреба на службената положба и финансиски криминал. На рочиштето треба да бидат сослушани сведоци предложени од Обвинителството.
Препорачано
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска на минатото рочиште истакна дека обвинетите не работеле во интерес на јавната установа и пациентите, туку во корист на приватни компании, со што ја поткопале довербата во здравствениот систем. Таа најави дека Обвинителството ќе докаже како со незаконски набавки на лекови и злоупотреба на системот на реверси е предизвикана штета на буџетот од над 2,2 милијарди денари (речиси 36 милиони евра).
Одбраната пак, тврди дека обвинението е неосновано и политички мотивирано, укажувајќи дека економските вештачења врз кои се темели предметот се изготвени од лица со судир на интереси.
„Не се чувствувам виновен. Цел живот сум посветил на Онкологија и на спасување животи. Наместо да се земе предвид дека успеав да ги намалам наследените долгови и да обезбедам лекови, тоа сега се толкува како штета,“ изјави пред судот првообвинетиот Васев.
И второобвинетиот Нухи рече дека е невин и дека тоа ќе се докаже преку материјални и вербални докази, особено преку ново економско вештачење кое, според него, ќе ги побие наводите на Обвинителството.
Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението за периодот 2018–2022 година, во кој обвинетите наводно прикривале фиктивни тендери и незаконски присвојувале дел од терапијата.
Покрај овој процес, Васев и тројца лекари се обвинети и во предметот „Онкологија 1“ за несовесно лекување пациенти. Судењето за тој случај ќе продолжи на 17 септември.