Проекција на Патувачкото кино во Кочани / Фотографија: Борјан Гаговски

Приказни кои даваат утеха, охрабруваат и поттикнуваат раскажа Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ веќе 16 години ја одржува традицијата на организација на Патувачко кино низ повеќе градови и региони во државата, а годинава Патувачкото кино беше во Кочани.

Живеејќи во свет што катадневно се менува, свет во кој информациите отсекаде извираат и незапирливо течат, станува сè потешко да разликуваме што е вистина, а што не. Така се будиме во реалност што не е лесно ниту да се прифати и во неа да се живее, ниту да се фати со камера. Секој од нас може да стори барем по нешто за сегашноста да биде поинаква. Ако ни е гајле за реалноста сега, нема да мора да береме гајле за иднината после. Тргнуваме од самите нас.

Затоа, мото на 16-тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 21 до 28 август во Скопје, е „Кому му е гајле за реалноста“. Првата промоција на мотото и неговиот одраз во реалноста беше почувствуван на Патувачкото кино на „МакеДокс“.

Проекција на Патувачкото кино во Кочани / Фотографија: Борјан Гаговски

– Годинава, Патувачкото кино на „МакеДокс“ беше во Кочани. Проекциите на документарни филмови се одржаа од 15 до 18 и на 20 јули на Летната сцена пред НУ Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани.

На пат кон Кочани, Патувачкото кино помина покрај бујните златни полиња наближувајќи кон својата крајна дестинација. Пред Кочани нѐ пречекаа бујните оризови полиња. Распостелени во Кочанската котлина, тие потсетуваат дека сите сме ко зрнца ориз – на сите ни треба истото сонце, истата вода, истата грижа. Ама и дека ништо не пркнува без катадневно внимание и труд.

Оризови полиња / Фотографија: Томислав Георгиев

Преку ден шетавме низ Зелените пазари во Кочани, кои не се само редици со тезги полни со овошја и зеленчуци, туку и шарени мозаици од енергии, животни приказни, искуства – секакви. Секоја вечер повторно се собиравме пред филмското платно и создававме безбеден простор во кој чувствата се добредојдени исто колку и молкот, со надеж дека туѓите приказни, независно дали ќе се препознае човек во нив или не, ќе утешат, охрабрат, поттикнат.

Го посетивме и Споменикот на слободата на кочанското брдо Лакобија, кој уште од раните осумдесетти години на минатиот век го чува споменот за борците од Втората светска војна, родум особено од овие краишта. Храм со ретка вредност кој молчешкум нè потсетува дека за реалноста треба секому да му биде гајле. Инаку, како ќе ни биде поарно, како ќе нè огрее новото сонце?

Проекција на Патувачкото кино во Кочани / Фотографија: Борјан Гаговски

Дури и во свет на контрадикторности, има нешто што човек, сепак, може беспогрешно да го разликува, иако се чини дека го снемува додека сè наоколу незапирливо тече. Тоа е она што никогаш не би требало да се промени, тоа е она што сакаме повторно да го исполни воздухот ко мирисот на боровите и буките на Осоговијата. Ретко е, ко дивите коњи на Пониква пред кои застанува здивот, ама несомнено постои. Тоа е обѕирноста, тоа е грижата за другиот, тоа е спремноста да се радуваме и да сочувствуваме со него – истакнуваат од „МакеДокс“.

Диви коњи на Пониква / Фотографија: Томислав Георгиев

На 19 јули Патувачкото кино имаше проекција и во селото Смилево, во Демир Хисар. Проекцијата беше реализирана во рамки на Фестивалот на алтернативна фотографија „Зрно“.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а се реализираше во соработка со SupportKochani, НУ Центар за култура „Бели мугри“ и Општина Кочани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот