Промоторите и авторката на книгата

Презимињата како живи споменици во новата книга на Елка Јачева-Улчар

Книгата „Презимето кај Македонците“ од Елка Јачева-Улчар беше промовирана на 12 јуни во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје.

Промотори на книгата беа Игор Радев, доктор по лингвистика при Синолошкиот центар при Лексикографскиот центар „Георги Старделов“, Одделение за лингвистика и литературна наука при Македонската академија на науките и уметностите – Скопје, Александра Чиварзина, научен соработник во Славистичкиот институт при Руската академија на науките – Москва, и Катерина Тодороска, за издавачот „Менора“ од Скопје, додека модератор на настанот беше Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје.

Неопходни појаснувања и благодарности по повод објавата на книгата имаше и самата авторка.

– Книгата претставува сублимат од одговори на прашања што јас самата сум си ги поставувала себеси во одделни статии во последниве десетина години, но и одговор на низа прашања што ми ги поставуваат пријателите и познаниците кога ќе разберат со што се занимавам во Институтот за македонски јазик веќе 16 години. Во оваа книга што носи горд наслов „Презимето кај Македонците“ сакав да дадам одговор на тоа што сѐ може да се најде во основата на презимето, да дадам кус историјат за развојот на најмладата антропономастичка категорија презимето кај нас, Македонците, да покажам што сѐ може да биде мотивациска основа за формирање на презимињата, на кој начин и со кои суфикси се образуваат тие. Да проговорам за три потсистеми на презимиња, карактеристични за определени географски простори: во Малешевијата врз основа на образувањето и акцентот, во охридски Варош за бессуфиксните презимиња, во Прилеп за прекарите како главна основа за формирање презимиња.

Врз основа на материјалот од двата тома во Речникот на презимињата кај Македонците, но и со лична ексцерпција на презимиња што не се застапени во Речникот, се обидов да ги излачам покарактеристичните и понеобичните презимиња, генеалошки да ги подредам во различни групи оние презимиња со немакедонско потекло на несловенските и на словенските народи што се слеале низ вековите и времето овде на ова мало парче земја, па презимињата ги претвориле во живи споменици, чувари на бурите и питомините во меморијата, кондензатори на погроми, егзодуси, тага и болка, но и блескави симболи на испреплетена духовност од различни нитки љубов… – објаснува авторката Елка Јачева-Улчар.

Во музичкиот дел од промоцијата настапија Иван Наумовски, бас-баритон, во пијано-придружба на Елена Атанасовска-Ивановска, со циклусот „Песни за татковината“ од композиторката Дарија Андовска, инспирирани од три македонски народни песни: „Со маки сум се родил“, „Сношти минав покрај вази“ и „Си заљубив едно моме“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 183, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот