Претставата „Татко“ премиерно ќе биде изведена во Велешкиот театар

Претставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во режија на Ненад Витанов, е четврта премиера на НТ „Ј.Х.К. Џинот“ од Велес, по премиерните изведби на претставите „Елегија во пет здива“, „Инферно“ и „Креонт и Антигона“.

Драмскиот текст „Татко“ го потпишува еден од најважните драмски автори на нашата современост – францускиот драматичар Флоријан Зелер и непосредно по неговата изведба – текстот е поставен, речиси, во сите значајни театри на глобално ниво. Текстот е дел од трилогијата „Мајка“, „Татко“ и „Син“, и истиот е адаптиран и во филмско сценарио, во режија потпишана од самиот автор.

Според режисерот Ненад Витанов, драмскиот текст на Зелер е драма-студија за развојот на деменцијата како болест, низ која се прикажани судирите на објективната реалност и болните стварности кои се случуваат во семејството на главниот протагонист. Поаѓајќи од оваа точка, драмскиот текст на Флоријан Зелер нуди неверојатно провокативно поле за театрализација на основниот драмски конфликт, што едновремено станува и полигон за артикулација на податливите и провокативни улоги кои ги нуди драмскиот материјал во автентични драмски ликови.

Насловната, неверојатно комплексна и провокативна улога ја толкува Јордан Витанов и со оваа улога, односно продукција – Велешкиот театар го обележува неговото пензионирање.

Покрај Јордан Витанов во улогата на Андре, останатите ролји ги толкуваат: Маја Љутков – Ана, Жарко Спасовски – Пјер, Славица Манаскова – Лора, Симона Димковска – Жена и Благојчо Стојанов – Маж.

Сценограф на претставата е Филип Коруновски, костимографијата ја потпишува Раде Василев, музичкиот избор е на режисерот Ненад Витанов, а фотограф на претставата е Данчо Стефков.

Премиерната изведба на претставата е на 22 декември (билетите веќе се распродадени), на малата сцена на Велешкиот театар, а првата реприза е на 23 декември, со почеток од 20 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот