Сцена од „Народен пратеник“ на МНТ / Фотографија: Кире Галевски

Претставата „Народен пратеник“ на МНТ учествува на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад

Македонскиот народен театар со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин, на 1 и 2 јуни ќе учествува на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад, Србија.

Почнувајќи од првата комедија на Бранислав Нушиќ, политички субверзивно дело од млад сатиричар, бунтовно насочено кон системот изграден врз лаги, корупција и манипулации, авторите на претставата суптилно покажуваат дека состојбата на тој наш систем воопшто не се подобрила, односно дека ваквите механизми на владеење се сè уште основа на општествените текови, главно, во неуспешните балкански држави.

– Режисерот Егон Савин гради компактна, возбудлива и прецизна претстава, не одлучувајќи да оди по патот на подрастична модернизација на текстот, туку ненаметливо посочувајќи ја безвременската траги(коми)чна вистина на откритијата на Нушиќ за длабоката политичка гнилост. Сепак, во претставата постојат разлики во значењето во споредба со оригиналниот текст и тие се отсликуваат на драматуршкиот план. Сценската игра, која трае само еден час и петнаесет минути, е згусната и динамична; големиот број ликови се извадени од сценскиот текст, од сопругата на Јеврем, Павка, преку Сима, Ивковиќ, неговата тетка, Секулиќ и други, а со тоа се исклучени и излишните линии на нарацијата.

Расплетот е, исто така, значително променет, не е толку ведар како кај Нушиќ, туку е позаострен, помрачен и со тоа е поблиску до духот на нашето време. На режисерски план, најважна е работата со актерите, секој лик е прецизно оформен, што се издвојува како најголема вредност на претставата, покрај сликовито длабоките заплети на Нушиќ, од кои произлегуваат убиствени вистини за чудниот систем на вредности и неуништливата валканост и превртливост на политичарите… – истакнува Ана Тасиќ, селектор на програмата на „Стериино позорје“.

Овогодишното 70. „Стериино позорје“ се одржува од 26 мај до 3 јуни под мотото „Создавање историја / менување на иднината“. Освен МНТ, во натпреварувачката програма учествуваат и Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, „Атеље 212“, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште од Нови Сад и други. Последното учество на МНТ на фестивалот „Стериино позорје“ беше пред 22 години.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 283, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31.05.-01.06.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот