
ПРЕСВРТ | Кога корупцијата и пропустите ја рушат безбедноста
Професорот на факултетот по безбедност Златко Димовски е гостин во најновата епизода на емисијата „Пресврт“. Тој во студиото на „Слободен печат“ говореше за тоа кои се најголемите безбедносни предизвици со кои во моментов се соочуваат Македонија и граѓаните. Какви се меѓудржавните релации на Балканот кога станува збор за глобалните безбедносно-политички превирања и сојузи, но и за тоа како минаа првите 100 дена од мандатот на новата администрација на претседателот на САД Доналд Трамп. Ова се само едни од темите на кои експертот Димовски зборуваше во новото издание на емисијата „Пресврт“.
Препорачано
– Корупцијата, криминалот, но и некои сегменти на тероризмот и неговите активни ќелии во регионот, но и кај нас, можеби се најголемите закани по безбедноста на граѓаните во земјава. Понатаму, пробивот, односно потфрлањето на системот е исто така сериозен проблем за државниот апарат и сигурноста – вели Димовски.
Според него, некако си стана пракса да си зборуваме дека некој некаде украл, а немаме докази за истото.
Дајте да ги обезбедиме доказите за да видиме за што станува збор. Сè додека не се утврди сторителот на наводниот криминал во земјава, граѓаните ќе живеат во тензија која ги прави несигурни. Затоа мора да работат институциите агилно и убеден сум дека имаме капацитет тоа да се случи. Но, за тоа да стане пракса, во реалноста ќе биде потребно многу време и напорен труд – оценува професорот Димовски и додава дека во моментов граѓаните на Македонија не се загрозени од ниту еден безбедносен ризик кој еветуално би дошол од надвор.

Целиот разговор со експертот и професор Златко Димовски можете да го погледнете вечер во 19.00 часот на каналот на Јутјуб и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.