
Пресудата со забрана за напуштање на Скопје и приближување до Росица, стигнала ден откако Илија ја уби неа и татко ѝ
Илија Стефановски кој на 15 септември во Велес ја уби својата поранешна девојка Росица и нејзиниот татко пред да се самоубие, го извршил делото и покрај две активни судски мерки за забрана, покажува пресудата на Основниот суд Велес, која обвинителството и одбраната ја примиле ден по двојното убиство, објави СДК.
Препорачано
Сторителот ја прекршил првата мерка, забрана за напуштање на местото на живеење Скопје, со самото доаѓање во Велес за да го изврши убиството. Тој, исто така, не ја испочитувал ниту втората мерка – забрана за приближување и воспоставување контакт со Росица, со тоа што ја чекал во домот на нејзиниот татко за да ја убие.
Истрагата допрва треба да утврди кога точно е убиен таткото Киро К. и дали сторителот поминал одредено време со неговото тело во куќата.
Дополнително, вештачењето на пронајдените мобилни телефони треба да разјасни дали Илија С. телефонски ја повикал Росица да дојде или таа самата пристигнала откако не можела да го добие својот татко.
Од Основниот суд Велес велат дека на 10 септември на обвинетиот му била изречена алтернативна мерка – условна осуда од една година и четири месеци затвор, која не би се извршила доколку во рок од три години не стори ново кривично дело. Оваа осуда се однесувала на претходни дела за Загрозување на сигурноста при семејно насилство и Насилство, сторени во февруари и март годинава. Обвинителството ја примило пресудата на 16 септември, еден ден по убиствата.
Според евиденцијата на СВР Велес, Росица претходно поднела седум пријави против Илија. Меѓу нив е и пријава од 18 мај за запален автомобил „Мицубиши“, сопственост на нејзиниот татко, кој претходно бил украден. За овој случај, ОЈО Велес издало наредби за обезбедување докази и снимки од видеонадзор, по кои МВР сè уште постапува. На 19 јуни, вработена во маркет во соседството пронашла УСБ со експлицитни фотографии и видеа од Росица и Илија.
Од друга страна, Илија поднел три пријави до полицијата против Росица.
Двојното убиство се случи во понеделникот попладне, кога Илија С. со нож ја нападнал Росица К., нанесувајќи ѝ шест убодни рани. Нејзиното момче Ф.Т. ја изнело во дворот, додека сторителот се заклучил во куќата и се самоубил со шест убоди во вратот. И покрај обидите за реанимација во велешката болница, и двајцата им подлегнале на повредите.