
Пресуда: Судскиот совет незаконски не му дозволил на судијата Славчо Тасев да се запише како Македонец, наместо како Бугарин
Судскиот совет денеска ја разгледуваше пресудата на Вишиот управен суд, според која Судскиот совет незаконски не му доволил на судијата Славчо Тасев наместо како Бугарин да се впише како Македонец во Судскиот изборен именик на изборите за член на Советот во 2018 година и со тоа му го скратил правото како кандидат да учествува врз основа на националната припадност!
Препорачано
Според пресудата Судскиот совет треба да ја повтори постапката по распишаниот оглас за избор на член на Судскиот совет од редот на судите од апелациското подрачје Штип.
Судијата Тасев барањето за повторување на постапката по огласот од 2018 година го поднел до Судскиот совет во декември 2020 година, откако во 2019 година добил пресуда во негова корист од Европскиот суд во Стразбур дека му се повредени човековите права и основни слободи на претходни избори за член на Судски совет, и тоа во 2012 година. Стразбур утврдил дека на судијата Тасев му е укинато правото на приватност, односно на национално определување, со тоа што како неосновано му било одбиено барањето да биде впишан како Македонец наместо како Бугарин во Судскиот изборен именик. Откако ја добил пресудата од Стразбур за изборите во 2012 година, судијата Тасев се жалел до Управниот суд, кој го одбил, но Вишиот управен суд пресудил во негова корист. Во жалбата судијата Тасев побарал да се повтори постапката по распишаниот оглас од 2018 година за избор на член на Судскиот совет од апелациското подрачје Штип и во Судскиот именик да се направи бараната исправка и наместо Бугарин да се впише Македонец. Побарал и да биде викнат во Судскиот совет кога ќе се одлучува по неговото барање како и при одлучувањето да биде изземена членот на Советот Лорета Горгиева, која е дел од комисијата за постапување по поднесеното барање.
Во пресудата на Вишиот управен суд е наведено и дека во 2021 година комисијата на Судскиот совет го оценила барањето на судијата Тасев како недозволено и покрај пресудата на Европскиот суд за човекови права, а таква одлука донел и Судскиот совет. Според образложеното од Советот, тие во 2020 година, во рамки на извршувањето на пресудата на Европскиот суд го дорегулирале начинот на исправки во Судскиот именик, а судијата Тасев во меѓувреме не извршил исправка во графата националност, па затоа барањето за повторување на постапката е недозволиво.
Во дискусијата во Судскиот совет во врска со пресудата на Вишиот управен суд членовите констатираа дека постапката ќе ја продолжи истата комисија што и досега постапувала по барањето на судијата Тасев. Членот на Советот Лорета Горгиевска рече дека се иззема од членство во комисијата затоа што нејзиното име било спомнато во пресудата, но побара од членството во комисијата да биде изземена и Весна Дамева. На ова Дамева се спротистави, а останатите членови на Советот и` укажаа на Горгиева дека ако сака изземање, мора да даде писмено образложение зошто го бара тоа. Горгиева бараше повеќе време затоа што, како што рече, има обемни докази зошто треба да биде изземена Дамева, но доби време до понеделник.
Инаку, оваа пресуда во неанонимизирана форма неодамна, на 22 ноември ја објави на својот фејсбук профил министерот за правда Кренар Лога, кој ја користи секоја можност да го критикува Судскиот совет. Тој ги објави сите страници од пресудата со прашањето: „Судски совет, интересно!?“
Горгиева денеска реагираше до претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев дека не сторил ништо откако министерот Лога ја објавил јавно пресудата, која не е анонимизирана.
– Како е дојдена пресудата до министерот за правда? Сметам дека како претседател требаше да реагирате затоа што само што ја примивме пресудата од Виш управен суд и ни беше доставена на разгледување веднаш беше објавена на фејсбук-статус на министерот за правда. Сосема истаиот документ каде печатот од Виш управен суд е на истата позиција како во одлуката што ние ја добивме. Не велам дека оваа постапка е тајна и дека министерот открива тајни постапки. Судскиот совет умешно го премолча ова, ама не треба да се премолчи. Не наоѓам замерка на министерот, но Судскиот совет остана без коментар на кој начин протекоа информации што не треба да излезат во јавноста, а беа презентирани од министерот. Како се допушти тоа, дали се истражи од каде излегоа информациите? – рече Горгиева.
Георгиев одговори дека секој сноси одговороност ако изнесува информации, ама конкретната пресуда е јавна, на што Горгиева му возврати дека секоја пресуда која е јавно објавена мора да е анинимизирана.