
Премиерата на „Падот на Масада“ ќе ја заокружи програмата за 2023 година во Драмски театар Скопје
Драмскиот текст „Падот на Масада“ на писателот и драмски автор Венко Андоновски е подлога за новата претстава во Драмски театар Скопје. Премиерата на претставата „Падот на Масада“ во режија на Дејан Пројковски ќе се одржи на 28 декември, со почеток во 20 часот.
Препорачано
На прес-конференција по повод новата претстава, што се одржа на 26 декември во холот на Драмски театар, в.д. директорката Викторија Рангелова-Петровска истакна дека Драмскиот театар останува доследен на тоа дека треба да се негува македонската драмска реч и дека секоја година треба да има барем по една премиера на текст од македонски драмски автор.
На конференцијата присуствуваше авторската и актерската екипа во претставата. Улогите во претставата ги толкуваат актерите на ансамблот при Драмски театар Скопје: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.
Драмскиот автор Венко Андоновски прво изрази задоволство што по подолго време повторно се поставува негов текст на, како што рече, неговата „матична сцена“ во Драмски театар во Скопје.
– Претставата „Падот на Масада“ поставува едно вечно прашање, кое упростено се сведува на тоа дали идеите вредат да се положи животот за нив, или не? На таа тема се пишувани многу дела, претстави и романи, а јас се трудев преку неколку историски пресеци да покажам неколку случаи на масовно и единечно самоубиство, и дури и кога е единечно било направено поради некои колективни причини. Фактички, сакав да покажам дека од приказната за самоубиството на жителите на Масада до денес бележиме, на некој начин, ерозија дури и на поимот самоубиство. Денес е незамисливо тоа што го сториле Јудејците во Масада, да се самоубијат за да не паднат во рацете на непријателот. Денес почесто среќаваме самоубиства заради лични причини. Низ претставата се следи како полека „херојското“ во чинот на самоубиството се претвора во нешто сосема спротивно и претставата покажува дека човештвото назадува на секој план, дури и во сфаќањето на самоубиството – објасни Венко Андоновски.
Во текстот на претставата е пласирана тезата дека „секое самоубиство подразбира едно невидливо претходно убиство, а тоа е убиството на човекот во себе“, појасни Андоновски.

Во претставата има шест сцени во различни историски периоди со различни видови на самоубиство. Режисерот Дејан Пројковски истакна дека со актерската екипа имале убав, возбудлив и креативен процес на подготовка на претставата.
– Единственото место каде што е најлесно човек да си поигрува со времето и со просторот е театарот и сцената, така што и концептот на оваа претстава е базиран токму на таа идеја, дека театарот и сцената се клуч за патување низ времето и низ просторот, а од друга страна секогаш сите општествени системи и промени е многу полесно и поедноставно да се тестираат на сцена – рече режисерот Пројковски.
За Пројковски претставата „Падот на Масада“ е четврта соработка со драмскиот автор Венко Андоновски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценографијата и костимографијата се на Валентин Светозарев, а музиката е на Горан Трајкоски.
Актерот Александар Степанулески истакна дека особено му е драго што со еден интензивен процес остварен во краток временски период стигнуваат до реализација на претставата со која ја завршуваат годината во Драмски театар. Фраза која ги поттикнала да истражуваат низ процесот е дека во секој човек има по малку ангелско и по малку демонско. Тој посочи и на мислата дека „ниту една идеја не родила човек, а човекот раѓал идеи“, а прашањето е дали за тие идеи треба да се умре заокружено со една висока тема за честа.
Актерката Јелена Жугиќ појасни дека, всушност, под насловот „Падот на Масада“ се направени шест кратки претстави, бидејќи секој дел е посебен за себе, а секој од актерите игра со повеќе ликови.
– Таквиот концепт беше подлога во секоја сцена да влегуваме од „точка на вриење“, којашто природно во другите претстави што имаат почеток, средина и крај доаѓа постепено со текот на дејството. Во оваа претстава интензитетот на игра е постојан и постојано влегуваме од улога во улога, од костимски до емотивни промени, а целиот процес изискуваше многу фокус и концентрација, меѓутоа кога го добивме финалниот производ навистина сме среќни – рече Јелена Жугиќ.
Со оваа претстава Јелена Жугиќ заокружува 30-годишна професионална кариера, која почнала во 1993 година со претставата „Време за сонување“ во режија на Златко Славенски во Велешкиот театар.
Актерот Рубенс Муратовски кратко посочи дека во текот на процесот секојдневно другарувале со големи автори, а тоа е една од најубавите работи што може да се случат во актерската професија.
– Процесот што го поминавме заедно е нешто неописливо и навистина би сакала доживотно да го споделувам затоа што за кратко време успеавме да создадеме нешто за нас моќно, една моќна сценска убавина создадена од нашите емотивни соголувања. Притоа има исклучително задоволство во тоа што во текот на процесот можете да искомуницирате со авторот на текстот, затоа што текстот е толку многу добар и отвора многу прашања и посакувате да се консултирате со авторот. Изразувам благодарност и до режисерот Пројковски, бидејќи ни покажа дека големите, убави и тешки нешта може да се создадат со едноставна леснотија – истакна актерката Емилија Мицевска.
Актерот Филип Трајковиќ посочи дека премногу чекаме „подобри времиња“, а може е крајно време да почнеме самите да ги правиме времињата подобри.
Сценограф и костимограф во претставата е Валентин Светозарев, долгогодишен соработник на Пројковски во повеќе значајни и големи претстави. Тој истакна дека сите луѓе што учествувале во процесот на подготовката едноставно „горат за претставата“, но и за работата што ја работат.
– Многу сум работел на многу различни места, но навистина, за жал, голема реткост е да се види таква актерска посветеност, дури и самоубиствена посветеност на сцена, како што беше случајот со оваа претстава. Веројатно затоа ни е блиска темата на претставата, бидејќи и ние понекогаш се залетуваме до нашите гранични можности – рече Валентин Светозарев.