Сцена од претставата „Падот на Масада“ во Драмски театар

Премиера во Драмски театар: „Падот на Масада“ е динамична, жестока и повеќеслојна претстава

Драмскиот текст „Падот на Масада“ на писателот и драмски автор Венко Андоновски е подлога за новата претстава во Драмски театар Скопје, а премиерата во режија на Дејан Пројковски се одржа на 28 декември.

Останувајќи доследен на тоа дека треба да се негува македонската драмска реч и дека секоја година треба да има барем по една премиера на текст од македонски драмски автор, за крај на 2023 година Драмски театар Скопје ја подготви претставата „Падот на Масада“ на текст на Венко Андоновски и во режија на Дејан Пројковски.

Во претставата играат Александар Степанулески, Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ и Рубенс Муратовски. Станува збор за динамична, жестока и повеќеслојна претстава. Драмскиот автор Венко Андоновски по подолго време повторно е актуелен на, како што самиот рече, неговата „матична сцена“ во Драмски театар во Скопје.

– Претставата „Падот на Масада“ поставува едно вечно прашање, кое упростено се сведува на тоа дали идеите вредат да се положи животот за нив, или не? На таа тема се пишувани многу дела, претстави и романи, а јас се трудев преку неколку историски пресеци да покажам неколку случаи на масовно и единечно самоубиство, и дури и кога е единечно било направено поради некои колективни причини. Фактички, сакав да покажам дека од приказната за самоубиството на жителите на Масада до денес бележиме, на некој начин, ерозија дури и на поимот самоубиство. Денес е незамисливо тоа што го сториле Јудејците во Масада, да се самоубијат за да не паднат во рацете на непријателот. Денес почесто среќаваме самоубиства заради лични причини. Низ претставата се следи како полека „херојското“ во чинот на самоубиството се претвора во нешто сосема спротивно и претставата покажува дека човештвото назадува на секој план, дури и во сфаќањето на самоубиството – објасни Венко Андоновски.

Во текстот на претставата е пласирана тезата дека „секое самоубиство подразбира едно невидливо претходно убиство, а тоа е убиството на човекот во себе“. Во претставата има шест сцени во различни историски периоди со различни видови на самоубиство. Текстот е комплексен и слоевит и не дава одговори, туку поставува прашања, а тоа било предизвик за режисерот Дејан Пројковски.

– Единственото место каде што е најлесно човек да си поигрува со времето и со просторот е театарот и сцената, така што и концептот на оваа претстава е базиран токму на таа идеја, дека театарот и сцената се клуч за патување низ времето и низ просторот, а од друга страна секогаш сите општествени системи и промени е многу полесно и поедноставно да се тестираат на сцена – истакнува режисерот Пројковски.

Патувањето за актерите е жестоко и набиено со силни емоции и различни психолошки состојби, бидејќи секој влез и излез од сцената за нив значи промена на лик. Во текот на претставата секој од нив влегува во шест различни ликови. Фраза која ги поттикнала да истражуваат низ процесот е дека во секој човек има по малку ангелско и по малку демонско, а биле водени и од мислата дека „ниту една идеја не родила човек, а човекот секогаш раѓал идеи“, само прашањето е дали за тие идеи треба да се умре.

Како контрапункт се појавува и репликата дека премногу чекаме „подобри времиња“, а може е крајно време да почнеме самите да ги правиме времињата подобри.

Сценограф и костимограф во претставата е Валентин Светозарев, долгогодишен соработник на Пројковски во повеќе значајни и големи претстави. Сценографијата и костимите што ги креираше Светозарев ги сместува актерите во епски, библиски, но и во современи простори и амбиенти следејќи ја драматуршката линија во претставата од далечното минато во современата сегашност. Асистент на режија е Дамјан Димовски, а фантастичната музика во претставата е на Горан Трајкоски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 211, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.12.2023 – 02.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот