
Директорите на М-НАВ реагираат за „затворањето на небото“ на 20 и 24 октомври
Пред една недела струковиот Синдикат на контролата на летање повторно ја активираше одлуката за штрајк, обвинувајќи го менаџментот дека не ги исполнил претходно дадените ветувања и дека состојбата во претпријатието е сериозно загрижувачка
Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани, реагира менаџерскиот тим на М-НАВ, по најавите на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ), дека македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за авионски сообраќај на 20 и 24 октомври, поради штрајк на контролорите на летање во М-НАВ.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-М-НАВ како институција е дел од критичната инфраструктура која директно ги штити животите и безбедноста на патниците, екипажот и воздушниот сообраќај што пристига, полетува и прелетува над Република Македонија. Менаџерскиот тим го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк како интегрален дел од борбата за подобрување на работничките права на вработените. Сепак, секој штрајк во институција која обезбедува безбедносни услуги мора да биде организиран така што работно ќе бидат ангажирани доволен број на контролори на летање (и секако останатите вработени на други работни места) за да се одржи безбедното управување со воздушниот сообраќај. Ниту една активност на синдикатите или било кои други субјекти не смее да доведе до загрозување на животите или инфраструктурата – порачаа од М-НАВ.
Во исто време, М-НАВ остро се спротивставува на сензационалистичките и неточни најави кои се шират од страна на дел од раководството на струковиот синдикат.
-Менаџментот на М-НАВ останува отворен за конструктивен социјален дијалог со синдикалните претставници и е подготвен да разгледа реални и објективни барања за кадровските и организационите прашања. Сите барања треба да се адресираат преку официјалните процедури со цел да се најде решение кое нема да ја загрози безбедноста на летовите – велат од оваа институција.
Пред една недела ССКЛМ повторно ја активираше одлуката за штрајк, обвинувајќи го менаџментот дека не ги исполнил претходно дадените ветувања и дека состојбата во претпријатието е сериозно загрижувачка. Според нив, клучни кадровски решенија намерно се блокираат, а системот е на работ на колапс. Од синдикатот нагласуваат дека 20 октомври е намерно избран како датум за почеток на штрајкот – по завршувањето на локалните избори – за да не може раководството да го претстави како политички мотивиран.
Контролорите доставија три главни барања: итно стопирање на партиските вработувања во М-НАВ, дозвола од Министерството за финансии за распишување огласи за нови контролори и инженери, како и распишување тендер за избор на независна меѓународна агенција која ќе направи функционална анализа на потребите на претпријатието.
Штрајкот првично беше најавен за 10 јули, но тогаш беше одложен поради, како што велат синдикалците, „одредени позитивни чекори“ на менаџментот. Бидејќи ветувањата останале нереализирани, контролорите повторно се решија за радикален потег. Доколку не се постигне договор, штрајкот ќе продолжи секој понеделник и четврток – што значи затворање на воздушниот простор најмалку двапати неделно, сè додека не се исполнат барањата.