
Познато е името на убиецот на Чарли Кирк – која е неговата политичка припадност?
Обвинет за смртоносното убиство на конзервативниот активист Чарли Кирк е 22-годишниот жител на Јута, Тајлер Робинсон, потврдија пет извори од органите за спроведување на законот, објави Ен-би-си њуз.
Препорачано
Властите во четвртокот објавија надзорна снимка од осомничениот, како и фотографии на кои се гледа како тој се движи до и од Универзитетот во Јута Вали, каде што Кирк беше застрелан и убиен во средата.
Еден член на семејството на Робинсон го пријавил во полиција откако ги видел објавените снимки и фотографии, соопштија двајца високи претставници на истрагата.
Која е неговата политичка припадност?
Според јавни записи, неговата последна регистрација за гласање била на 13 јули 2021 година, без наведена политичка припадност.
Гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, изјави дека според изјави на еден член на семејството, Робинсон во последниве години сè повеќе се интересирал за политика, пренесе Ројтерс.
– Членот на семејството спомнал дека пред 10 септември, на една семејна вечера, Робинсон рекол дека Чарли Кирк ќе дојде на Универзитетот во Јута Вали. Во разговорот со друг член од семејството зборувале зошто не го сакаат и зошто не се согласуваат со неговите ставови. Семејниот сведок навел и дека Кирк е полн со омраза и шири омраза – соопшти Кокс.
Кирк, коосновач на „Turning Point USA“ и влијателен глас во времето на администрацијата на Доналд Трамп, беше убиен за време на настан, организиран од универзитетското здружение на оваа конзервативна студентска организација.
Претседателот Доналд Трамп прв ја објави веста дека осомничениот е уапсен, во интервју за „Фокс њуз“. Тој посочи дека токму таткото на Робинсон одиграл клучна улога во предавањето на својот син на властите.
„Некој многу близок го препозна по ситен детаљ. Се обратил кај таткото, а тој го убедил синот дека мора да се предаде“, изјави Трамп.
Објавеното видео покажува како осомничениот трча преку покрив на зграда и потоа се симнува на тревната површина, продолжувајќи да оди покрај паркинг кон прометен пат. На фотографиите изгледа како млад и слаб маж, облечен во црна маица со американско знаме, црни очила за сонце, капа „Адидас“, фармерки и патики „Конверс“.
ФБИ ги анализира сите траги
ФБИ анализира оружје – снајперски болт-екшн карабин – пронајдено во шумската област каде што напаѓачот побегнал. Исто така, се проверуваат траги собрани од покривот: отпечаток од дланка, впечаток од подлактица и отпечаток од чевел.
Во соопштение од „Turning Point USA“ беше нагласено дека Кирк во текот на животот примал „илјадници закани“, но „секогаш ја ставаше мисијата за допирање до што повеќе млади Американци пред сопствената безбедност“.
„Чарли ќе ни недостига на сите. Никогаш нема да го заборавиме,“ стои во изјавата на организацијата.
Чарли Кирк беше убиен на 10 септември за време на јавна дебата наречена „Докажи ми дека грешам“ на Универзитетот во Јута Вали.
Трамп: Радикалните левичарски лудаци едноставно мора да ги претепаме