
Позната инфлуенсерка почина на 14 години, инспирираше милиони споделувајќи ја својата борба со ракот
Инфлуенсерката Зуза Бејн, позната по документирањето на својата борба со акутна миелоична леукемија (АМЛ) на социјалните мрежи, почина на 14 години, пренесува „Њујорк пост“.
Препорачано
„Со скршено срце објавуваме дека Зуза почина вчера изутрина. Од своите 14 години, 11 помина со немилосрден рак, а сепак живееше поисполнето и поблагодарно од повеќето. Нејзиното постоење засекогаш нѐ промени, а нејзината смрт исто така ќе го стори тоа“, порача нејзиното семејство во објава на социјалните мрежи на 23 септември, со фотографија од насмеаната тинејџерка на плажа.

„Не е случајно што нејзиното последно видео ги бележи работите за кои беше благодарна – сведоштво за живот исполнет и со убавина и со страдање. Повеќе од сè, таа сакаше да биде нормално, здраво дете. Но, она што го направи нејзиниот живот толку убав беше начинот на кој научи да се справува со најтешките околности, како што е нејзината болест, и сепак да живее полн живот“, продолжија тие во објавата.
Зуза, на која болеста ѝ беше дијагностицирана кога имаше само три години, инспирираше милиони споделувајќи ја својата борба со ракот. Таа неодамна на социјалните мрежи сподели размислувања за светлите моменти од нејзиниот живот.
Во видео објавено на 20 септември, таа истакна како „секојдневните работи што многу луѓе често ги земаат здраво за готово“ најмногу ѝ се врежале во сеќавањето, додека прикажуваше фотографии со семејството и пријателите.
Само неколку дена претходно, на 18 септември, Зуза искрено зборуваше за тешките моменти од нејзината здравствена борба, признавајќи дека неодамна не се чувствувала „најдобро физички и ментално“.
„Во последно време чувствувам толку многу болка. Постојано сум на лекови против болки затоа што телото ме боли толку, толку, толку многу“ , рече таа во видеото.
Поради тоа, таа поминaла два дена во болница на терапија, по што била пуштена на домашно лекување. Во истата објава одговори и на критиките дека нејзината содржина зборува „само за ракот“.
„Живеам со болка постојано, на дневна основа, и така изгледа мојот живот“, објасни таа. „Не е секогаш убав и не е секогаш сладок затоа што сум искрена со вас и вака изгледа мојот живот.“ Својата порака ја заврши оптимистички: „Се надевам дека наскоро ќе се чувствувам подобро. Но, се извинувам ако не сум доследна. Ве сакам толку многу.“
Зуза ја користеше својата платформа за да ја подигне свеста за ракот кај децата. На Инстаграм имаше два милиони следбеници, а на Тикток 2,4 милиони. Во интервју за локалната ТВ станица TMJ 4 во Милвоки во 2023 година, таа ги објасни своите мотиви.
„Го започнав мојот Инстаграм затоа што сакав да го споделам моето патување со други луѓе“, рече таа тогаш. „И сакав да им помогнам на другите деца кои минуваа низ истото што и јас.“