
Повикот за учество на третото издание на БЕАМ Фестивалот е отворен до 31 јануари
Асоцијацијата на ивент индустријата – ИВАП по третпат го организира БЕАМ Фестивалот, кој ќе ги собере водечките професионалци од креативната, културната и забавната индустрија за да ја прослават извонредноста во организацијата на настани и да ги награди најдобрите и најуспешни настани одржани во текот на 2024 година.
Препорачано
Пријавувањето на учесниците на фестивалот е отворено до 31 јануари 2025 година. Можност за учество имаат сите компании кои организирале настани во календарската 2024 година и тоа во 12 категории. Сите информации потребни за аплицирање и правилата за учество се објавени на интернет-страницата на БЕАМ – www.beamfestival.mk.
Комисијата која ќе ги разгледува пристигнатите апликации е составена од докажани професионалци во различни сектори од креативните индустрии и ќе има пред себе тешка, но и креативна задача – да ги оцени сите пристигнати пријави и да ги избере најдобрите.
Комисијата ја сочинуваат: Ана Зафирова – фриленс-новинарка и експертка по комуникации; Анета Андонова – Одговорен уредник на Прв програмски сервис на МРТ; Антоанела Петровиќ – директор на маркетинг и маркетинг на купувачи во „Жито Лукс“; Борис Ефтимовски – основач на „Маркетинг365“; Бранко Илиевски – спортски новинар; Ванчо Богоев – дипломиран продуцент и технички директор во МКЦ; Вардан Тозија – филмски режисер; Василка Салевска Трајковска – менаџер за екстерни прашања во „Phillip Morris International“; Душан Марковиќ – корпоративен маркетинг и ПР директор на „Малиќи Груп“; Ели Пешева – директорка за комуникации во „Њу Момент“ – Скопје; Лара Чашуле – директор за сервис на клиенти во „Меккен“ – Скопје; Маја Андoновска Илијевски – директорка на НУ Центар за култура во Битола и актерка во НУ Битолски народен театар; Марта Наумовска Грнарова – генерален менаџер на „Завар“; Милчо Александров – дизајнер на светло; Мишко Караџоски – извршен менаџер во „Скајмјузик“; Огнен Јанески – тв-лице, автор, модератор и меѓународен консултант; Полексена Јанкуловска – маркетинг директор во „Бимилк“ и регионален маркетинг менаџер во „Имлек“; Сунчица Бојаџиева – директорка за ивент менаџмент во „Публицис“; Тања Кокев – модна дизајнерка; Татјана Лопарски – сопственик и извршен директор на „Елемент ПР“; и Тони Димков – новинар за култура во весникот „Слободен печат“.
– Исто како изминатите две години, очекуваме голем број пријави во сите категории, бидејќи 2024 година беше навистина плодна, со многу настани, па затоа ги охрабруваме колегите да ги пријават своите дела. Создадовме систем на работа кој гарантира непристрастно и објективно оценување, целосно сме транспарентни во правилата и критериумите и заради тоа очекуваме да победат најдобрите – изјавува Маја Бабиќ, директор на БЕАМ.
Инаку, изминатите две изданија на БЕАМ покажаа, особено со бројот и квалитетот на пријавените настани, дека недостасувала платформа за валоризација на индустријата. Наградите се доделуваат на свечена церемонија во присуство на голем број професионалци од индустријата. Ваквите настани се можност за запознавање, вмрежување и развој на идни соработки.
– БЕАМ е фестивал кој по содржината е единствен не само кај нас, туку и во регионот. Фестивалот е наменет за сите професионалци кои организирале настан во 2024 година и можат да се пријават во некоја од 12-те категории. Преку него ја славиме уникатната енергија и професионалноста која ја носат нашите настани. Целта е да се поддржат и валоризираат оние што создаваат и да се поттикне зголемен број на креативни и значајни проекти – посочуваат од БЕАМ.
Доделувањето на наградите ќе биде на свечена церемонија на почетокот на март 2025 година.