Фото: Pexels

Постојано ви солзат очите? Причината може да биде шминката, внимавајте на оваа состојка

Суво око, чувство на гребење, пецкање и црвенило – сето ова може да биде резултат на реакција на шминката што ја користите секојдневно.

Офталмологот д-р Џаклин Белц предупредува дека овие непријатни симптоми се појавуваат особено по долготрајна употреба на водоотпорна маскара, пишува „Е-клиника“.

Водоотпорната маскара – потенцијален ризик

Според д-р Белц, штетни за здравјето на очите се токму состојките во маскарата што овозможуваат нејзина долготрајност.

„Кога маскарата ќе се исуши на трепките, може да го оштети солзниот филм на окото“, вели таа.

Што претставува „суво око“?

Солзниот филм е тенок слој течност кој ја навлажнува и штити површината на окото од надворешни надразнувачи. Синдромот на суво око е состојба на хроничен недостаток на солзи, што предизвикува иритација, чувство како да имате трепка внатре во окото, и појава на воденасти солзи со послаб квалитет.

Дополнителни иритации при вадење маскара

Оние што страдаат од суво око најчесто имаат и чувствителни очи. Дополнителната иритација која настанува при вадење на водоотпорната маскара само ги влошува симптомите. Таа потешко се отстранува и бара посилни средства за чистење кои содржат хемикалии што дополнително ги иритираат очите. Многу жени пријавуваат чешање при користење на вакви маскари.

Може да се оштетат и важни жлезди

Слично предупредување доаѓа и од канадскиот офталмолог д-р Џулијан Просија, кој советува избегнување на водоотпорна шминка.

„Таа може да доведе до дисфункција на Меибомовите жлезди“, објаснува тој.

Овие жлезди се наоѓаат на рабовите на очните капаци и лачат масна супстанца која ја подмачкува површината на окото и спречува исушување.

Состојки на кои треба да внимавате

Д-р Просија препорачува употреба на „поздрави“ козметички производи, како шминка што се раствара во вода. Особено ризичен е бутил хидрокси анизол (E320) – синтетички антиоксиданс што се користи за стабилизирање на боите и мастите во маскарата. Иако неговото токсично дејство не е целосно истражено, студии врз животни укажуваат на потенцијална канцерогеност. Меѓународната агенција за истражување на рак го класифицира како потенцијално канцероген за луѓе.

Исто така, штетен може да биде и формалдехидот, кој се користи во производи за нега на кожа, коса, нокти и антиперспиранти. Тој предизвикува иритации на кожа и очи, па дури и може да има канцерогено дејство.

Парабените, конзерванси присутни во некои козметички производи, можат да ја нарушат хормоналната рамнотежа и да го попречат нормалното функционирање на Меибомовите жлезди. Феноксиетанолот е уште еден чест конзерванс што може да предизвика иритации на очите.

Поврзаност со рак на дојка?

Британската организација „Рак на дојка“ предупреди дека производите за секојдневна нега, вклучително и шминката, може да го зголемат ризикот од рак на дојка, бидејќи содржат супстанции кои го нарушуваат нормалното функционирање на ендокриниот систем.

Просечната жена во Велика Британија, според нив, секојдневно е изложена на повеќе од 150 потенцијално штетни хемикалии од шминка и козметика.

Ако постојано ви солзат очите, можеби не се работи само за алергија или замор, туку и за несоодветна шминка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот