Поставени 10 компостери во училиштата во Карпош, ќе се компостира органски отпад

Фото: Општина Карпош

Општина Карпош набави 10 ротирачки компостери што ги постави во дворните места на сите основни училишта, во нејзина надлежност. Како што информираат од Општината, станува збор за уреди од француско производство составени од два ротирачки барабани со волумен од по 190 литри, кои можат безбедно можат да ги користат и помалите ученици.

Покрај одржување на здравата животна околина, на овој начин компостот што ќе се произведе во овие садови ќе послужи за уредување на училишните дворови. Гледано од едукативен аспект, основците практично се запознаваат со процесот на компостирање органски материи од растително потекло, но исто така стекнуваат и добри практики за паметно управување со отпадот преку селектирање на отпадните органски материи и остатоци од храна – информираат од Карпош.

Набавката на десетте компостери ја чинеше локалната самоуправа околу 480.000 денари, а набавката е дел од Локалниот еколошки акционен план 2 за 2023 година, кој го спроведува општинскиот Сектор за екологија и енергетска ефикасност.

По тој повод вчера во ООУ „Димо Хаџи Димов“, претставниците од Секторот за екологија и енергетска ефикасност и членовите од Здружението „Центар за ресурси во животната средина – РЕЦ“, го презентираа проектот „Заедно во акција за селектирање, реупотреба, рециклирање и компостирање“. Во рамките на овој проект што го имплементираше тимот на РЕЦ, беа одржани работилници во сите основни училишта во Карпош, каде што основците и наставниот кадар се запознаа со начините на селекција и одвојување на отпадот. Притоа, беа посочени и придобивките од процесот на примарна селекција на органскиот отпад преку селектирање, реупотреба и рециклирање и компостирање.

Претставниците на основните училишта во Карпош добија и прирачници за правилно компостирање и искористување на компостот, како и инфографици за начинот на селекција, реупотреба и рециклирање на отпадот, кои беа изработени во рамките на проектот. На настанот, основците од Карпош ги изложија своите ликовни творби кои беа тематски ориентирани според проектот „Заедно во акција за селектирање, реупотреба, рециклирање и компостирање“. Најдобрите и најкреативните ликовни творби беа наградени од страна на комисијата за избор – велат од Општината.

На средбата беше потпишан и Меморандум за соработка со кој Општина Карпош се вмрежува со граѓанските здруженија ЦеПроСАРД, Центарот за одржлив развој „Алка“ и здружението „Реди“, со цел заедничко дејствување во областа на екологијата и зачувувањето на животната средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот