
Последниот книжевен препев на Драги Михајловски ќе биде претставен на „Вечер со Руми“ во КИЦ-Скопје
Во Културно-информативниот центар – Скопје, на 28 ноември, од 19:19 часот, ќе се одржи промоција на последниот објавен книжевен препев на Драги Михајловски – најновото еднотомно издание на „Три“ од поезијата на Руми, со наслов „Големата црвена книга“.
Препорачано
Џелаледин Мевљана Руми е еден од најголемите, најчитаните и најтолкуваните поети во светот. Неговите стихови претставуваат непроценливо светско наследство и досега се препеани од повеќе македонски преведувачи и поети.
Меѓу нив, освен познатиот препев на Драги Михајловски, се вбројува и Ана Пејчинова, која ќе биде промотор токму на ова дело. Заедно со Ирена Јурчева, која е втората говорничка на настанот, и Виолета Танчева-Златева во улога на модераторка, таа ќе зборува за поезијата на Руми и ќе се обиде да проникне во длабочините на овој препев.
„Добрата поезија е над сите граници и не може да биде ограничена ни од религијата ни од времето“, напишано е во предговорот на изданието, а меѓу кориците на книгата е собрана токму таква поезија.
Влезот на настанот е слободен и поканет е секој кој умее во поезијата на Руми да ги препознае портите за надминување на материјалните граници на постоењето.
Од издавачкиот центар „Три“, како коорганизатор на настанот заедно со КИЦ-Скопје, ги покануваат читателите да нурнат во стиховите за божественоста, за љубовта и страста, за копнежот и пријателството. И не само во поезијата на Руми, туку и во тајните на преведувачкото мајсторство, на магијата што тоа ја создава.
– Ако може да се каже дека преведувачот е коавтор на делото, тогаш Драги Михајловски е навистина тоа. Тој успеал да ги почувствува емоциите и да ги обликува во мозаик во кој е претставено целокупното човеково искуство. На промоцијата ќе се зборува за сето ова – и за многу повеќе – истакнуваат од „Три“.