Нов дрворед на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов - Фото/ Драган Митрески

По шест месеци реконструкција на „Митрополит Теодосиј Гологанов“, граѓаните добија асфалтирани тротоари и криво поставени рабници околу дрвјата

Веќе шест месеци се реконструира булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и толку време трае и сообраќајниот хаос во центарот на градот поради градежните зафати. Метежот се зголеми уште повеќе откако започна и реконструкцијата на улицата Ленинова, која се реновира на потегот од вкрстувањето со овој булевар до Партизанска. Веројатно поради тоа е преоптоварен и сообраќајот на Партизански одреди, каде за со возило или во автобус да се помине делницата од Буњаковец до крстосницата со улицата Даме Груев, треба „челични“ нерви и огромно трпение.

Кога во септември започнаа работите на „Митрополит Теодосиј Гологанов“, градоначалничката Данела Арсовска рече дека рокот на изведба ќе биде пет месеци, но петте месеци поминаа, помина есента, зимата, еве и пролетта ја дочекуваме, а реконструкцијата уште не е завршена. Најпрво беше затворена едната сообраќајна лента, па другата, па сега со присутната механизација возачите за да поминат мора слалом да возат по улицата.

Навистина, на оваа сообраќајница за првпат се поставуваше атмосферска канализација, се заменуваше старата и дотраена водоводна мрежа, што се зафати за чија изведба е потребно повеќе време, но што е многу, многу е. Едноставно, граѓаните се изморени од сообраќајните гужви.

Но, она на што граѓаните, кои живеат во тој дел од центар, особено реагираат е изведбата на тротоарите.

Тротоарите ги асфалтираа, исти се како коловозот. Зошто асфалт, а не бекатон плочки? Асфалтот кога ќе се загрее преку лето, тука нема да се живее. Па работата нели е кога се реконструира некоја улица да се обезбедат подобри услови за граѓаните? Пола година работат за на крај асфалт да ни „лупнат“. А видете ги пак коцките што ги оставија околу дрвата, една погоре, друга подолу, една полево, друга подесно, поголема, помала, ужас еден. Јас вакво нешто не сум видел, навистина – реагира скопјанец кој живее во една од зградите покрај булеварот што се реконструира.

Работите на реконструкција на Митрополит Теодосија Гологанов ги изведува фирмата „Бауер“, а според најавите на Арсовска овој зафат ќе го чини Град Скопје 43 милиони денари, односно околу 700 илјади евра.

Со реконструкцијата како што беше ветено треба да се изведат и нови пешачки и велосипедски патеки, како и дополнителни велосипедски ленти на коловоз.

Се надеваме дека она што се гледа на терен, не е завршена работа и дека допрва ќе се дотерува. Иако, за бетонските рабници околу дрвцата, криво поставени долж тротоарот, помош нема, ако не реагираат надлежните. На пример, оние кои се задолжени за надзор над градежните работи на улицата, затоа што кога се трошат градски, односно пари на граѓаните работата мора да биде квалитетно завршена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот