Поштарот веќе не ѕвони ни еднаш!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Поштата е затрупана од вреќи со пратки што никој не ги испорачува, граѓаните со месеци не добиваат ни документи ни производи за кои платиле, повозрасните талкаат по сметки за комуналии… единствено што испорачува поштата се загуби и плати сосе бонуси за директорите на сметка на државата!

Сте слушнале ли за земја без пошта? И што зборува тоа за една земја, која нема пошта? Многу! Тоа ни се случува нам и – сите молчат. Се менуваат директори, се зголемуваат цени на поштенските услуги, а граѓаните остануваат без своите пратки, без писма и без важни документи. Многумина се оставени и без сметките за комуналии. Не се сите дигитално писмени, а секој има право и да избере како сака да си ја добива сметката.

Состојбата во Пошта е повеќе од хаотична. Очевидци на „распадот“ за „Слободен печат“ велат дека поштата е затрупана од купишта вреќи полни со некакви пратки. Корисниците што нарачале нешто што требало да стигне преку пошта, откако реагирале кај тој што им го продал производот, вообичаено добиваат одговор: Вашата пратка одамна е пристигната во Вашата пошта. Тоа „одамна“ во случајов, стандардно, значи дека поминале неколку месеци! Па, што прави нечија пратка во пошта два-три месеци? И дали воопшто нарачателот што дал пари за нешто ќе си го добие својот пакет?

Од Пошта, пак, стигнуваат разни вести. Од тоа дека системот за прераспределба на пратки им бил расипан до тоа дека нема поштари. Врв на сè е што најупорните граѓани успеале да влезат во зградата, па сами да си ги бараат пратките! Неовластени, неслужбени луѓе да влегуваат во пошта?! Свесни ли се и властите и поштенските службеници што сè се испраќа преку пошта? Но, просто кажано, да беа свесни, немаше ова да ни се случува.

Во одредени реони воопшто и нема поштари. Кога поштарот ќе се пензионира или ќе даде отказ, реонот што го „покривал“ редовно останува празен, неуслужен, без нов поштар премногу долго време. За тоа како овој проблем се решава „Слободен печат“ постави и официјално прашање. Одговор не добивме, но затоа, набргу на улицата која ја посочивме како пример на кој подолго време не се испорачува поштата, одеднаш по зградите стигнаа купишта пратки – натрупани по влезовите, измешани, во кои имаше и пратки кои требало да стигнат на сосема други адреси…

Во овој хаос, кога државата е оставена и без пошта и без поштари, возрасни луѓе талкаат по шалтери на комуналните претпријатија, си ги бараат сметките и одат да ги платат. Ова е едно огледало на грдата реалност во кое не се огледа само неработењето на поштата, туку и грижата за сопствениот народ.

А за состојбата во самата пошта, може фељтони да се пишуваат. Последниот финансиски извештај од независен ревизор е за 2021 година. Тој покажува загуба од 2,85 милиони евра и таа е речиси двојно поголема од онаа во 2020 година кога била 1,5 милиони евра. А дека таму не се знае ни кој пие ни кој плаќа, зборува и овој краток извадок од ревизорскиот извештај: „Друштвото има евидентирано останати побарувања по основа кусоци од кражби, кусоци од вработени, побарувања по основа на спогодби, како и побарувања за сомнителни и спорни камати во нето-износ од 117.499.000 денари (2,9 милиони евра, н.з.)“.

Да потсетиме и на последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Таму пишува дека заклучно со 31.12.2018 година, АД „Пошта“ има акумулирана загуба од 10 милиони евра. Но, тоа не ја спречило да плаќа огромни износи за менаџерско осигурување преку осигурителна компанија. Според извештајот, за седуммина директори, кои истовремено го сочинуваат и Управниот одбор и Надзорниот одбор, платено е менаџерско осигурување за период од 1.4.2018 до 1.4.2019 година во вкупен износ од 2.760.000 денари, или околу 45.000 евра. Овие директори ги избира Владата, тие примаат плата, а менаџерските осигурувања им овозможуваат, доколку не настапи смрт или траен инвалидитет, 89,5 проценти од парите што ги уплатила Пошта да им се префрлат како бонуси, објасни ревизорот. Или, на секој од овие седум директори, во просек му следувал годишен бонус врз основа на менаџерско осигурување од 5.700 евра!

Така, полека но сигурно поштата стигнала до ова што е сега. Никој не се загрижил за нејзиното работење, секој за сопствениот џеб. Поштата се распаѓа, со години, ако не и со децении се коваат планови за нејзина приватизација, како и секогаш кога државата не успева да изменаџира некоја компанија од државен интерес. Практиката, пак, покажува дека поголем дел од поштите во Европа се државни, како и оваа нашата, само што таму државата успешно си ги управува, па тие остваруваат и добивки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот