Поранешен началник на ВБА: Србија ќе трпи големи последици поради одлуката на САД да не соработуваат со БИА

Фото Јутуб принтскрин/ Н1

Поранешниот началник на Воено-безбедносната агенција на Србија, Момир Стојановиќ оцени дека земјата ќе трпи големи последици поради одлуката на САД да не соработуваат со Безбедносно информативната агенција (БИА), бидејќи на тој начин ќе се остави без важни информации, пренесува српска „Бета“.

Како што беше објавено во петокот, американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, му рекол на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, дека соработката на САД со српската безбедносно-информативна агенција ќе биде „длабоко замрзната“, бидејќи „решенијата во таа разузнавачка служба се голем проблем за Вашингтон“.

„Таму (во Америка) има околу 15 служби од различни профили, а ние имаме само две, воени и цивилни. Нивните достигнувања во борбата против меѓународниот тероризам се богати со бројни податоци, а до нив доаѓавме преку размена, и сега ќе бидеме лишени од тоа“, изјави Стојановиќ за српска Нова.

Централната банка на податоци е најдобра во разузнавачкиот и безбедносниот систем на САД и сите служби со кои соработуваат САД земаат податоци од неа, додаде тој.

Тој рече и дека САД стравуваат дека податоците што ќе бидат разменети со Србија ќе и бидат достапни на Русија поради контактите на директорот на БИА, Александар Вулин со руските безбедносни служби.

„Соработката со БИА беше успешна кога (актуелниот министер за внатрешни работи Братислав) Гашиќ беше на чело, бидејќи знаеше дека не ја знае работата, па експертите и професионалците ја направија, а Вулин сака да задржи се во свои раце. САД е сериозна земја и не сакаат да ризикуваат“, рече Стојановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот