Фото: МИА

Поповиќ: Во Владата не можат да се договорат дали се за борба против корупција или не

Корупцијата може да ја загрози евроинтеграцијата на Македонија, предупредуваат експертите, загрижени заради општите лоши резултати во борбата против ова зло, а особено по носењето на законот за изградбата на скапи автопати без тендер со директна спогодба, за кој Антикорупциската комисија во петокот предупреди дека е висок ризик за корупција и судир на интереси и дека го суспендира правниот систем во државата.

Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ низа одлуки кои се носат на високо политичко ниво „може многу бргу да го доведат под знак прашање консензусот во ЕУ дека ги исполнуваме условите за почеток на преговорите“.

– Во овој момент состојбата е таква што наспроти победи во битките против корупцијата, како на пример некои пресуди кои ги видовме, во Владата не можат да се договорат дали се за борба против корупција или не. Нашите граѓани и нашите меѓународни партнери во овој момент очекуваат дека политичарите ќе носат добри одлуки, дека ќе инвестираат во институциите со цел таму некаде по 10-15 години да не ни треба политичка волја за борба против корупција, бидејќи институциите ќе можат да се борат ако се појави корумпиран функционер – вели Поповиќ за „Слободен печат“.

Наспроти тоа очекување, додава тој, Владата влегува во авантура од висок ризик од корупција, како со скрошениот закон за автопатишта со „Бехтел и Енка“.

– Постојат низа начини како да се добие тоа што се бара низ компетитивни процедури, но за жал, се одбра решението кое фаворизира една компанија, а во минатото такво решение ни ги донесе сите проблеми со автопатот Кичево-Охрид, вклучително огромна сума на пари во мито, како што се тврди во обвинението за тој случај. Сите контролни механизми, освен ДКСК, потфрлија за овој закон. Го имате понатаму случајот со одлуката на Комисијата во транспорт и врски за несуспензија на ДУП-от кај „Холидеј ин“, па законите за легализација на дивоградби и оној за продажба на земјоделско земјиште итн. Затоа мислам дека во овој момент постои значаен проблем во тоа како се носат одлуки и во кои ризици од корупција се влегува – вели Поповиќ.

Тој додава дека главниот фокус на работа на вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски треба да биде прво да обезбеди дека одлуките на Владата се ослободени од партиски и бизнис интереси, а потоа да се занимава со сето останато.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот