Пописот во април нема да се одложи, ќе се почитуваат сите здравствени протоколи

Пописот во април догодина нема да се одложи, бидејќи евентуално есенско пребројување на населението ќе се совпадне со локалните избори, вели директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, откако во јавноста излезе упатството на Обединетите нации во кое стојат две препораки, или да се одложат или пак доколку се спроведат да се спроведат мерките кои тие ги препорачуваат.

Првиот човек на статистика вели дека институцијата ќе ги почитува сите здравствени протоколи бидејќи и сега во време на коронавирус Заводот спроведува теренски активности на кои граѓаните не се пожалиле бидејќи анкетарите ги почитувале здравствените протоколи.

Едно од правилата кои ние како земја кандидат за членство во ЕУ, е пописите да се одржуваат во годините што завршуваат на еден, без разлика во кој месец ќе биде статистичката операција. Ние ќе имаме проблем доколку пребројувањето на населението го одложиме наесен бидејќи во октомври се планирани локалните избори. Во летото не може да се организира попис на населението бидејќи дел е на одмор, а дел пак, е ангажирано околу земјоделските работи. Поклопувањето со изборите ќе значи и злоупотеба на пописот од страна на политичките партии. Но и Владата цврсто стои на ставот дека пописот ќе биде во април. Тоа не е случајно бидејќи се надеваме дека ќе почнеме преговори со ЕУ. „18. Статистика“ е нашето поглавје кое е уште во првиот кластер, а исто така пописот е и првиот првиот бенч марк. За да го отвориме тоа поглавје мораме да спроведеме попис. Се надевам дека напролет ќе спласне коронавирусот, вели вели Симовски.

Но, од друга страна во Упатството што Обединетите нации го објавија во септември има препорка и за спроведување, но и за одложување на пописите. Тие меѓу другото препорачуваат органите за попис да се консултираат со националните здравствени власти за намалување на ризикот од пренесување на коронавирусот.

Според Обединетите нации наважно е да се намали ризикот од пренос на вирусот на целиот персонал што го спроведува пописот и за пошироката јавност. Затоа како највнимателна мерка препорачуваат одложување на пописите не само во Македонија туку во сите земји.

„Одделот за статистика на Обединетите нации (UNSD) и Фондот за население (UNFPA) во Обединетите нации, заеднички препорачуваат одложување на пописот како највнимателна мерка во државите каде што се планира пописот и каде е веќе во напредна фаза“, пишува во документот.

За земјите кои сепак ќе спроведат пребројувањето на населението Обединетите нации направија списокот на заштитни мерки за попис:

-Заштитни Маски (FFP2 / N95), медицински маски, маски што може да се користат повеќекратно

-латекс стерилни ракавици

-средства за дезинфекција на рацете

-Дезинфекциски марамчиња и спреј

-Термометри

-Визири

Обединетите нации меѓу другото на Националните заводи за статистика им препорачуваат да спроведaт детална проценка на ризик, вклучувајќи ја и потребата за лична заштитна опрема и процедури за да се минимизира ризикот од пренесување на COVID-19 и на лицата што го спроведуваат пописот и на популацијата која се попишува:

-Влијание на националната мобилност и ограничувања во транспортот и социјалното дистанцирање како мерки за пописните операции;

-Обука на попишувачи/пописен персонал одржувајќи социјалното дистанцирање;

-Обука на целиот персонал на терен за безбедносните протоколи COVID-19, вклучително и употреба на заштитните мерки и неговото влијание врз употребливоста на уредите;

-Транспортирање на попишувачите на терен додека се одржува социјалното дистанцирање;

-Обезбедување процедури за дезинфекција на опремата;

ОН препорачуваат и дефинирање на упатствата за попишување при социјално дистанцирање – на пр. дали сите интервјуа ќе се појават на отворено и како ќе се управува со нив на ладно или лошо време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот