Полнолетните граѓани со попреченост во Центар ќе добијат бесплатен превоз до здравствените установи

Фото: Општина Центар

Сите полнолетни граѓани со попреченост од општина Центар ќе можат да користат бесплатен превоз до здравствените установи. Градоначалникот Горан Герасимовски денеска потпиша Меморандумот за соработка со секретарот на градскиот Црвен крст, Саит Саити. Според договореното превозот до здравствените установи ќе се врши со наменски возила, а ќе можат да го дористат граѓани над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), како и полнолетни граѓани кои не користат ортопедско помагало, но поради болеста се неподвижни.

Според Герасимовски бесплатниот превоз до болниците ќе биде големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги.

Верувам дека бесплатниот превоз до болниците е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Општина Центар сериозно вложува во проекти кои ја зајакнуваат социјалната и здравствената заштита за граѓаните затоа и издвои 500 000 денари од општинскиот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Доколку корисникот е подвижен превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило – изјави Герасимовски.

Граѓаните кои имаат потреба од користење на оваа услуга, потребно е својот превоз да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ, секој ден (од понеделник до петок), од 06:00 до 00:00 часот. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација.

Термин за превоз се закажува по принципот “прв дојден прв услужен”, а транспортот се врши од понеделник до петок, од 8 до 16 часот. Корисниците имаат право на бесплатен превоз во една насока  максимум 10 пати во текот на една година, но доколку имаат потреба од повеќе ќе може да го платат согласно ценовникот на Црвениот крст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот