милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Полна шапка мистериозни милиони

Kога станува збор за трошење јавни пари, законски е предвидено објавување тендер и за десет илјади евра. Освен ако конкурсот го распишува централната власт и ако партнерот е „стратешки“, а бизнисот милионски. Каков што е давањето на ски-центарот Попова Шапка под концесија.

Сите се еднакви пред законот, само некои се поеднакви од другите, особено ако станува збор за Владата. Овој орвеловски заклучок може да се изведе од начинот на кој власта договара зделки од стотици милиони евра.

Kога станува збор за трошење јавни пари, законски е предвидено објавување тендер и за десет илјади евра. Освен ако конкурсот го распишува централната власт и ако партнерот  е „стратешки“, а бизнисот милионски. Каков што е давањето на ски-центарот Попова Шапка под концесија.

Најновиот милионски таен договор, направен во четири очи, е тој со инвеститорот за преубавиот Национален парк Шар Планина. Деведесетина викендички-дивоградби ќе добијат на цена со инвестицијата од „50 плус 50 милиони евра“, за која шефот на македонската дипломатија Бујар Османи одеше на оф-роуд шоу дури до Катар, а неговиот колега Крешник Бектеши по Европа. „Името сè уште останува доверливо, ред е самиот инвеститор да го објави тоа кога ќе биде одлучено“, рече летоска премиерот и додаде дека во игра се потенцијални инвеститори од Катар, Швајцарија, Италија, Германија и Австрија. Криењето на инвеститорот е од стратешки причини, а тајноста е во интерес на постапката, рекоа завчера од Министерството за економија за договорот кој е во завршна фаза.

Стратешките причини „пет отсто од целото“ (да не е малку многу?) одекнаа како бомба кај народот. Нејсе, стратешките партнерства продолжуваат да се надградуваат и со специјални закони за изградба на коридори, за кои Уставниот суд „не поведува постапка за оценување на уставноста“. Како после да не ги пофали вицепремиерот лично.

Властите треба да бидат потранспарентни при најавите за инвестиции во Попова Шапка, а треба да се почитуваат и правните процедури, да се распише тендер и да се одбере најдобрата понуда, препорачуваа експерти. Дури беше формирана и специјална комисија со членови од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, од Општината Тетово, од министерствата за животна средина и за земјоделство, координирани од претставник на Министерството за економија. Членовите требаше да даваат предлози за судбината на Попова Шапка, но немаа шанса зашто одржале само еден состанок.

Недозволиво е приватизирањето реки, планини и други природни богатства за период од 99 години да биде завиено во мистерија како да е перформанс на Мистер Лале со вадење бели зајачиња од шапката полна со тајни на Владата. Во тие тајни не се кријат само 100 милиони и отуѓувањето на дел од Македонија за 99 години, туку и сите идни бизниси во тој регион. Инвестицискиот план за овој проект во следните шест години, според Владата, ќе чини осум милијарди евра. Половина од тие пари треба да дојдат од приватни инвестиции или грант-донации од ЕУ, потоа од концесии, јавни-приватни партнерства…

Коментар нека биде вицот кој на Конференција за економија на Стопанската комора на Црна Гора, пред три години во Будва, го раскажа австрискиот новинар Кристијан Вершиц, инаку модератор на една од панел-дискусиите: Европската комисија подготвувала лет во вселената, за што објавила конкурс, на кој се пријавиле тројца кандидати. Првиот бил Германец кој побарал еден милион евра. „Ако се вратам, јас ќе ги трошам, ако не – моето семејство“, рекол Германецот. Французин побарал два милиона евра. Во случај да не се врати жив, на Комисијата ѝ рекол парите да ги планира – еден милион за семејството, а еден за љубовницата. Третиот кандидат бил Балканец, кој од Европската комисија побарал три милиони евра. Кога го прашале зошто – одговорил: првиот милион ми треба за да ви го дадам вам и да го добијам бизнисот, вториот е за мене, а третиот за Германецот – да одлета во вселената.

Чудна моќ имаат Балканците. Со нивните трикови од црните шапки не вадат бели зајачиња, туку милиони евра.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот