
„Полица“ ја објави книгата „Semper idem“ од српскиот писател, драматург и сценарист Ѓорѓе Лебовиќ
Неодамна во издание на „Полица“ излезе книгата „Semper idem“ од српскиот писател, драматург и сценарист Ѓорѓе Лебовиќ (1928 – 2004) во превод на Катица Гароска Ацевска.
Препорачано
„Semper idem“ е автобиографска книга, роман-хроника на едно детство во Кралството Југославија пред Втората светска војна, приказна раскажана од детска перспектива, како детето го доживува приближувањето на „Големата пропаст“ – ширењето на нацизмот во својата околина и во Европа. За време на Втората светска војна Лебовиќ загубил четириесет членови од своето семејство, а тој како 14-годишник бил депортиран во логорот Аушвиц. Крајот на војната го дочекал во логорот на 5 мај 1945 година.
„Semper idem“ (Секогаш исто) е латински натпис на црквата во Сомбор каде авторот одел со својата баба Лаура. На неговото прашање што е тоа што секогаш е исто, бабата одговорила: „Злото. Тоа никогаш не мирува, се повторува, а понекогаш се појавува во неразбирливи размери.“
Меѓутоа, ова не е приказна само за злото, ова е приказна за отпорот, за непоколебливите вредности на добрината, на љубовта и на блискоста што повторно и повторно се појавуваат во животот на детето, како светилници во темнината.
Лебовиќ се обидел да дојде до одговор на прашања поврзани со најдлабоките и најзаумните процеси што во луѓето иницираат жед за деструкција во воени услови. Со овој роман Лебовиќ се претставува како голем мајстор на модерната реалистична проза. Во Србија романот има 17 изданија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 275, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.4.2025)