Покана за настанот во Друштвото на писателите на Македонија

Поетската награда „Даница Ручигај“ на лауреатката Александра Јуруковска ќе ѝ биде врачена во ДПМ

Добитник на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра необјавена поетска книга е збирката „Ткажалки“ од Александра Јуруковска. На десетгодишнината од востановувањето на наградата, ДПМ за првпат наградува необјавен поетски ракопис. Наградата се состои од плакета и објавување на ракописот.

Врачувањето на наградата „Даница Ручигај“ на овогодишната добитничка Александра Јуруковска ќе се одржи на 24 септември, во 12 часот, во Друштвото на писателите на Македонија.

На овогодишниот конкурс, кој за членовите на ДПМ беше отворен од 18 јули до 18 август, пристигнаа вкупно 10 ракописи од седум поетеси и тројца поети. За изборот на победничкиот ракопис одлучуваше тричлена жири-комисија во состав: Лулзим Хазири (претседател), Весна Ацевска и Сузана Мицева (членки).

Во образложението за наградениот ракопис, меѓу другото, се вели: „Поетскиот јазик на Јуруковска во триесетината песни на ‘Ткажалки’ е сплетен претежно од зборови карактеристични за нашата современост, но и со зборови што произлегуваат од нашата јазична традиција, обојувајќи ги стиховите со своевидна патина. На тој начин авторката внесува лична нота во современата македонска поезија. Oд народното говорно јадро извлекува и постари, но и дијалектни зборови умешно вклопувајќи ги во песните, на тој начин оживувајќи ја и збогатувајќи ја лексиката. ‘Ткажалки’ е книга што нуди катарза, но и потсетување: дека зборот е единствената трага што може да ја победи минливоста“, стои во образложението за поетската награда „Даница Ручигај“ на ДПМ.

Александра Јуруковска е книжевен критичар, новинар и промотор на културата. Авторка е на книгите: „Ткаење на текстот“ (новинска критика; „Силсонс“, 2014); „Медиумскиот егзил на книжевноста“ (интермедијалната студија; „Авант прес“, 2018); и „2 минути и 40 реда“ (радио и новинска критика; „ПНВ Публикации“, 2020).

Автор е на бројни есеи и студии и од сферата на книжевната критика, есеистика и теорија. Објавува во најзначајните домашни и регионални списанија за литература, култура и културолошки истражувања, како и во неколку специјализирани портали. Во ДПМ членува од 2019 година. „Ткажалки“ е нејзин прв поетски ракопис.

Наградата „Даница Ручигај“ го слави споменот на една од првите модерни македонски поетеси, која трагично загина во Скопскиот земјотрес во 1963 година. ДПМ го востанови ова признание во 2015 година и во првите седум години се доделуваше на објавена поетска збирка напишана од авторка.

Пред три години наградата беше отворена за сите поетски книги од членовите на ДПМ, а од оваа година, во согласност со одлуката на Управниот одбор, се доделува за најдобар необјавен поетски ракопис. Возобновувањето на концептот на наградата доаѓа на десетгодишнината од нејзиното востановување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот