
Поетската антологија „Меѓу дрвјата“ посветена на флората беше промовирана на 62. СВП
Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“, чиј приредувач е македонскиот поет и филозоф Иван Џепароски, беше промовирана во рамки на 62-то издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.
Препорачано
Антологијата содржи 167 песни и околу 3.500 стихови. За сите застапени автори, едновремено е подготвена и биобиблиографска белешка како составен дел на книгата. Во антологијата со свои песни се застапени македонски поети од кои најстариот (Славко Јаневски, 1920-2000) е роден пред повеќе од сто години, а најмладата (Ива Дамјановски, 1996) пред 27 години.
Антологијата „Меѓу дрвјата“ е насловена според песна од Блаже Конески.
– Темелните идеи што ја оформија идејата за составување на антологијата „Меѓу дрвјата: поезијата и флората“, беа и се фокусирани кон промоција на идејата за една книжевна културна екологија и на една книжевна екологија, како клучни категории во рамките на една можна екопоезија и на нововостановените критичко-теориски пристапи именувани како екокритика, зелени (културни) студии, енвиронментална книжевна критика и екопоетика . Посебно внимание на овој план привлекува и пристапот што од неодамна го доби и своето име – ботаничка критика – истакнува приредувачот Иван Џепароски.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 194, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.9.2023)