Детаљ од насловната корица на книгата „Песни“ од Мајаковски

Поетот Славе Ѓорѓо Димоски направи нов препев на поезијата на Мајаковски на македонски јазик

Деновиве во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“, како трета книга во едицијата „Колоси“, од печат излезе книгата „Песни“ од Мајаковски во избор и препев на Славе Ѓорѓо Димоски.

За разлика од досегашните преводи и препеви на овој значаен руски и советски поет, во овој избор се застапени песни од неговата рана творечка фаза и песни инспирирани од неговите патувања по Европа, Америка и Мексико. Нема песни кои го врзуваат за неговиот однос кон Октомвриската револуција.

Во книгата се вклучени и три поеми: „Облак во панталони“, „‘Рбет – флејта“ и „Љубам“. Поемата „Облак во панталони“ на македонски јазик првпат е преведена во 1970 година од Слободан Мицковиќ, но во овој препев се дава нова визура на секогаш актуелниот поетски јазик на Мајаковски, што поемата ја прави и денес актуелна.

И во другите две поеми посебно внимание е посветено на оригиналниот „мајаковски“ ритам, така што двете поеми „‘Рбет – флејта“ и „Љубам“ свежо и оригинално се слеани со стандардите на современиот македонски јазик.

Кон изборот се додадени и неговата автобиографија „Лично Јас“ и „Прилози“ подготвени од препејувачот, во кои е претставена поблиска слика за животот и делото на овој великан.

– Во 2021 година во препев на Славе Ѓорѓо Димоски, во истата едиција „Колоси“, излезе книгата „Песни“ од Сергеј Есенин во која се застапени песни кои дотогаш не биле преведени на македонски јазик, песни од неговата боемска фаза, така што имаме интересни избори од поезијата на двајцата најголеми поетски ривали во руската и советската литература во првите две децении на 20. век – истакнуваат од „ПНВ Публикации“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот