Во седиштето на книжевното списание „Поезија и луѓе“

Поетот Никола Маџиров се закити со меѓународната награда за поезија „Поезија и луѓе“ во Кина

Македонскиот поет Никола Маџиров е лауреат на 17-тата меѓународна награда за поезија „Поезија и луѓе“ (Poetry and People – International Poetry Award), која викендот му беше доделена во кинескиот град Гуангџоу. Оваа независна поетска награда е востановена од книжевното списание „Поезија и луѓе“ и се доделува од 2005 година за посебен придонес во современата светска поезија.

Досегашни лауреати се добитниците на Нобеловата награда за литература Дерек Волкот и Томас Транстромер, кој беше лауреат и на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите добитници се и неколкумина други лауреати на „Златен венец“ на СВП, како Адонис, Адам Загајевски, Томаж Шаламун и Ханс Магнус Енценсбергер, а исто така на листата добитници на оваа награда се и Ен Карсон, Лез Мари, Гери Снајдер, Рита Дав, Еуженио де Андраде, како и минатогодишниот добитник на британскиот кралски златен медал за поезија и добитникот на наградата „Т.С. Елиот“, Џорџ Сиртеш.

Наградата, која се состои од скулптура изработена од академскиот скулптор Жанг Јапинг, објавена книга на кинески јазик и паричен износ, му беше доделена на Никола Маџиров на свечена церемонија во Центарот за уметности во Гуангџоу. Скулптурата е инспирирана од стих на Маџиров од песната „Од секоја лузна на моето тело“, а на церемонијата премиерно беше изведена композиција според стиховите на песната „Оној што пишува“, како и кратка драмска изведба според песната „Совршеноста се раѓа“.

Маџиров на церемонијата го прочита говорот на благодарност, како и три песни на македонски јазик. Никола Маџиров е најмлад досегашен странски добитник на оваа престижна награда за современа поезија.

Со авторот на скулптурата-трофеј Жанг Јапинг и претседателот на жирито Хуан Лихаи

Во образложението на жирито со кое претседаваше поетот и критичар Хуан Лихаи и кое беше прочитано од поетот Јан Ке, претседателот на Друштвото на писателите на Гуангџоу, се вели:

– Поезијата на Никола Маџиров е длабоко вкоренета во плодната почва на балканската меморија. Надминувајќи ја неизбежната судбина, преминувајќи ги урнатините на историјата и јазовите во културата, тој изнедрува од маглата на времето за да понуди нов светилник преку кој можеме да ги разбереме болката, надежта и човечноста.

Почитувајќи ја традицијата на критички медитации од негови претходници-поети кон историското наследство, тој води дијалог со големите умови, ја воочува вистината со непоколеблива храброст и чекори осамено кон зрелоста. Маџиров зрачи со светлечки хуманизам на една нова генерација поети. Исполнето со свеж спектар од слики, неговото пишување продира во заборавените одаи на животот, а забрзувачката фреквенција на сликите предизвикува моќна емпатија кај слушателите, дозволувајќи им на читателите постојано да ја препознаваат интимноста на зборовите.

Читање на песната „Стрелки од часовникот“

Блиската сосредоточеност на Маџиров кон непосредното и неговата далекусежна визија кон светот му овозможуваат неотуѓиво сетилно искуство, дури и кога му се дарува себеси целосно на универзумот. Неговото пишување е двоен акт меѓу присуството на животот и крикот на духовното, штитејќи ја светлината меѓу луѓето, таму каде што, длабоко во пепелта, останува незгаснатата искра на поезијата.

Сместен помеѓу замисленото минато и посакуваната иднина, Маџиров пишува со немилосрдна искреност. Ослободен од земните ограничувања, преку безграничната имагинација тој му дава глас на скриениот јазик што раскошно цути од внатрешниот копнеж. Во него, креативноста добива слободна волја; преку него, светот започнува одново – чиниш нови видови поезија се раѓаат од сопствените урнатини – стои во образложението.

Ова е трето меѓународно признание за Никола Маџиров годинава, по европската награда за поезија „Н.К. Казер“ во Италија во мај и признанието „Почесен гостин“ на меѓународниот фестивал „Денови на поезија и вино“ во Словенија, во август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!