
Поетот Андреј Медиќ Лазаревски со песните во својата нова книга трага по посакуваниот свет за живеење
Промоцијата на новата стихозбирка на поетот Андреј Медиќ Лазаревски, „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, се одржа во рамките на фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“ во организација на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“. Промотори на книгата беа Калина Качоровска и Стефан Спасовски, уредници во „Култура Бета“.
Препорачано
Стефан Спасовски во кусиот осврт за книгата напиша: „Читајќи ги овие песни, лесно се навраќаме низ историјата на книжевноста. Медиќ Лазаревски усетно комуницира со поезијата на Цара, Гинзберг, Конески, Шопов, Дирјан, Џепароски, Ќулавкова, но и директно со нив, создавајќи стихови кои, веројатно, би се читале и на надреалистичките кружоци во Париз. Често поаѓајќи од вистински настани и од ликови што нѐ опкружуваат се истакнува ангажираноста, современите и вечни прашања и теми, преку кои доловува свет во кој иронијата ја има Сократовата задача – да се дојде до посакуваниот одговор или, можеби, посакуваниот свет за живеење. Во овие стихови сето маргинализирано е ставено во центар, па не е чудно и да се прашаме: Каде се наоѓаме?“
Андреј Медиќ Лазаревски (2001, Скопје) е поет, уредник и организатор на културни настани и фестивали. Тој е дипломиран професор по философија на Филозофскиот факултет и моментално студент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје.
Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор на книжевните настани „Поетска епизода“ и „Клинци“, фестивалски координатор на Филозофскиот филмски фестивал, член на Извршниот одбор на Филозофското друштво на Македонија, член е на Управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал и дел е од тимот на кафе-книжарницата „Буква“.
Главен уредник е на списанието на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, „In medias res“, и на списанието за општа култура „Тригер“ на „Култура Бета“. Дел е од европската поетска мрежа „Версополис“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 301, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.10.2025)