Екрем Имамоглу / Фото EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Почна судењето на ривалот на Ердоган во Истанбул – градоначалникот Имамоглу го гонат за наводна лажна диплома

Судењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, започна денес по обвинението за фалсификување универзитетска диплома, а неговото апсење предизвика протести низ цела Турција, јавуваат светските медиуми.

Имамоглу бил пречекан од голема толпа поддржувачи пред судницата во затворот Силиври, а на рочиштето присуствувале неговото семејство, опозициски политичари и поранешни универзитетски колеги. Обвинителството бара затворска казна од две и пол до речиси девет години за Имамоглу, за наводно фалсификување службени документи, како и забрана за вршење јавна функција. Според странските анализи, тоа била и целта на апсењето и обвинението против истанбулскиот градоначалник – тој да се елиминира од политиката.

Универзитетот во Истанбул му ја одзеде дипломата на Имамоглу во март поради наводни неправилности во неговиот трансфер од приватен универзитет во северен Кипар во 1990 година, што доведе до неколку насилни протести на кои студенти се судрија со полицијата.

Потоа Имамоглу беше уапсен под обвинение за корупција и врски со тероризам, што доведе до најголемите демонстрации во Турција во последните десетина години, со стотици илјади луѓе на улиците.

Протести во Истанбул по апсењето на градоначалникот Екрем Имамоглу / Фото: EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Опозицискиот градоначалник, кој беше избран за претседателски кандидат на партијата ЦХП по неговото апсење, претставува главна политичка закана за сегашниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е на чело на земјата 22 години. Во Турција, универзитетска диплома е предуслов за претседателска кандидатура.

За време на воведното излагање пред судијата, Имамоглу одржа остар и провокативен говор во кој се обрати до Ердоган, за кој, според некои гласини, не е јасно дали има универзитетска диплома.

„Не ми пречи да го слушам (судијата), но се надевам дека некој што нема диплома ќе го слушне ова“, рече тој, алудирајќи на Ердоган.

Истанбулскиот градоначалник рече дека обвинителот „не го напишал ова обвинение“, туку тоа бил „човекот што знае дека ќе го победам Ердоган на следните избори“.

Имамоглу е во затворот Силиври со неколку други членови на ЦХП кои беа уапсени минатата година за време на бранот репресии против противниците на Ердоган. Покрај случајот со дипломата, Имамоглу е обвинет за најмалку седум други кривични дела, што би можело да го спречи да се занимава со политика. ЦХП тврди дека обвиненијата се дел од владина офанзива насочена кон десеткување на опозицијата и овозможување на Ердоган уште пет години на власт, тврдење што владата го негира, тврдејќи дека турските судови се независни.

Имамоглу беше избран за градоначалник на Истанбул во март 2019 година, а неговата победа се смета за историски удар за Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот, кои инсистираа на поништување на резултатите од тие локални избори. Изборите беа повторени неколку месеци подоцна, а Имамоглу повторно победи, со многу поголема разлика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот