
Починати пациенти не се евидентирани во дневните извештаи
Осумдесет и осумгодишен скопјанец со позитивен тест на коронавирусот, починал дома на 1 ноември, откако претходно се лекувал неколку дена во домашни услови, но седум дена подоцна, овој човек не е евидентиран од Министерството за здравство како починат од ковид-19, тврди неговото семејството за „Слободен печат“. Нивниот родител имал позитивен наод на коронавирусот, добиен од приватна лабораторија во Скопје.
Препорачано
–Татко ми имаше ковид-19. Ние го закопавме по ковид-протоколи, со двоен сандак, еден лимен и еден дрвен, пластична ќеса, сето тоа ни беше наплатено од погребното претпријатие. Цела недела ја следам статистиката на починати на Фејсбук-страницата на Министерството за здравство, но татко ми го нема во неа. Обично ја кажуваат возраста на починатите и ниту еден од нив неделава не беше на 88-годишна возраст – вели ќерката на покојникот.
Дека нејзиниот татко фигурира во евиденцијата на Институтот за јавно здравје како ковид-позитивен, потврдува и решението за изолација, потпишано од лекарка од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кое што ќерката го достави до нашата редакција. Кога починал татко ѝ, не дошла брза помош тоа да го констатира, туку тоа го сторила лекарка во погребното претпријатие АД Бутел, тврди ќерката.
Филипче: Можеби статистиката доцни
Дали има координација меѓу институциите за да се следи смртноста и во дневните статистики за да не се случуваат пропусти со кои што во прашање се доведуваат контактите на заразените? Министерството за здравство на нашето прашање – зошто се случува пациенти кои починале со ковид-19 да се пропуштени во дневните евиденции – одговори дека ќе ги провери конкретните случаи кои ги наведовме и ќе ни достави одговори. Министерот Венко Филипче на прес-конференција во петокот рече дека е можно статистиките да доцнат неколку денa.
– Некогаш можеби статистиката доцни неколку денa. Се работат податоците и тоа е единствената причина. Објавата е истиот ден или веќе следниот ден. Но дозволете да проверам – рече Филипче.
И браќата од Кавадарци, за кои медиумите објавија дека починале од ковид-19, првично ги немаше во евиденцијата на здравствените власти. Завчера дваесет и едногодишниот помлад брат беше набројан во црниот биланс, но не и неговиот 26-годишен брат, кој почина пред него.
„Ова е тажен ден за нашето Кавадарци. За жал, денес изгубивме уште еден млад човек кој не успеа да се избори со оваа страшна пандемија. Пред два дена го изгубивме Марјан Ѓерѓев на 26-годишна возраст, денес почина и неговиот брат Горан Ѓерѓев на 21-годишна возраст… “, напиша на Фејсбук градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
Македонија доби пофални зборови од претставникот на СЗО во земјава за транспарентниот начин на прикажувањето на бројот на заразени и починати од коронавирусот. Дури имаше и забелешки од некои лекари што се евидентираат починати од ковид-19 чии пост-мортем тестови биле позитивни на коронавирусот.
МЗ: Грешка поради непотврден тест
Министерството за здравство појаснува дека причината поради која 26-годишниот кавадарчанец не е заведен меѓу починатите од ковид-19 е тоа што при прием во кавадаречката болница му бил направен рапид-тест за тријажа, по што тој бил префрлен на Инфективната клиника во Скопје и немало време да се потврди тестот со ПЦР-метода. „Рапид- тестовите се прават пред пациентот да биде хоспитализиран, а брис за ПЦР му се зема утрото за да се споредат резултатите. Во конкретниот случај, на 26-годишното момче, кога е хоспитализирано, му е направен рапид-тетст, а истата ноќ поради нагло влошување на состојбата е испратен во Скопје. Од таа причина неговиот рапид-тест не е потврден со ПЦР“, велат од МЗ.
За неговиот 21-годишниот брат, рапид-тестот бил потврден со ПЦР-метода, но настанала техничка грешка, односно истиот во системот за земен ПЦР-тест е заведен под презиме кое за една буква се разликувало од точното. Во петокот, неговиот идентитет во системот бил утврден преку матичниот број.
„Во случајот со 88-годишниот пациент, тој се лекувал дома, во системот на ИЈЗ фигурира како ковид-позитивен и се води како болест во тек. До ИЈЗ нема стигнато информација дека тој е починат. Дополнително треба да се утврди дали семејството го известило матичниот дека лицето починало. Матичниот информацијата ја доставува до Центар за јавно здравје, а Центарот до ИЈЗ“, појаснуваат од МЗ.