Професор Ивајло Дичев/Фото: Дојче веле

Почина бугарскиот професор Ивајло Дичев, критичар на бугарската политика кон Македонија

Почина бугарскиот професор по културна антропологија Ивајло Дичев, објавија неговите блиски на социјалните мрежи, а веста ја пренесоа бугарските медиуми.

Професор Дичев беше еден од ретките бугарски експерти кој ги критикуваше постапките на официјална Бугарија која со повеќе потези го попречуваше европскиот пат на Македонија меѓу кои и со ветото и нерационалните услови за промена на историскиот наратив и македонските учебници.

Во изјавата која проф. Дичев ја даде за „Слободен печат“ пред 9 месеци по повод тензиите кои ескалираа по претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на клубот „Цар Борис Трети“ од Охрид проф. Дичев нагласи дека „имињата на овие културни клубови се непобитна провокација, но за жал малку луѓе во Бугарија го разбираат тоа. Треба да се смират страстите и од двете страни, бидејќи губиме и ние и вие“.

Во една своја колумна по почетокот на војната на Русија во Украина, поттикнат од курсот на бугарската политика која во тој период беше наклонета кон Русија, додека официјален Брисел ја поддржуваше Украина во сите сфери, проф. Дичев рече дека постои очигледна сличност во аргументацијата на Бугарија во спорот со С. Македонија и на онаа која Путин ја користи кон Украина.

„Погледнете ја само нашата уцена кон Северна Македонија. Главните аргументи се всушност сосема слични на оние на Путин. Тоа беше држава измислена од Коминтерната, немаше идентитет, всушност таму зборуваа бугарски. Ако се појави под одредени историски околности, тогаш нема реалност – иако ние ја признавме како држава, исто како што Русија ја призна Украина, приближно во исто време. Фала богу што немаме сериозна војска да одиме да ја земеме како што веќе се обидовме“, напиша професорот во колумната насловена „Во Русија, но и во Бугарија: Историски комплекси, лаги и фантазии“.

Следејќи ги изјавите на бугарските политичари кон Македонија и политичкиот контекст во последните 2 години кога Бугарија не може да избере легитимна влада поради разочараноста на бугарските граѓани во партиските политики и функционерите кои се заглавени во корупсциски скандали за кој алармира и официјален Брисел и Вашингтон, зачестените и нерационални напади врз Македонија, Дичев нагласи дека се само во контекст на дневната политика и за да се ќари некој глас повеќе на изборите.

За него македонско – бугарскиот спор беше „смешен историско-идентитетски конфликт“ во кој, вели, нѐ фрлија популистите и против кој ниту еден сериозен политичар не се осмелува да застане пред изборите, потребен е компромис. Она што е потребно е ‘резултат’ кој и едните и другите ќе го покажат на своите избирачи. И во оваа смисла, го поздравувам решението што се појавува на повидок“, алудирајќи на обидите на премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски да срочат компромисно решение, кое на крајот сепак заврши во условен преговарачки процес за македонската страна.

„Како точно си го замислувате историското зближување? Што да се случи? Да излезат сите Македонци на плоштад и да почнат да викаат ‘Гоце Делчев е Бугарин’”?, прашуваше Дичев во своите колумни по повод формирањето на македонско -бугарската историска комисија која требаше да ја смени македонската историја и да ја направи поприфатлива за Бугарија.

Тој решението на проблемот го гледаше во пренасочување на фокусот од историјата (да се остави повеќе време тие прашања да бидат решавани) и целата енергија да се насочи кон транспортот, железничката и патна линија Скопје -Софија, економијата, медиумите, културата образованието…

– Нели е тоа поважно, отколку – што бил Самуил? Тоа е нешто што ќе го смени односот на менталитетите преку современи активности, а не со копање по минатото. Минатото нема да се промени, тоа е таму, се случило. Енергиите треба да бидат насочени кон важните работи. Да го заборавиме овој чад што го креваат политичарите, порача Ивајло Дичев.

Тој отворено зборуваше за малцинставата во двете земји, бугарското во Македонија и за македонското во Бугарија кое тие не го признаваат: „Ова е сериозно прашање што треба да се реши: или во двете земји има малцинства од соседните земји, или ги нема и во двете“, рече Дичев.

Проф. Дичев до неодамна Дичев беше професор на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, и предавач во Франција и во САД, како и колумнист за различни публикации, последно за Дојче веле.

Ивајло Дичев е роден во 1955 година во Софија. Тој е син на писателот Стефан Дичев и на уметницата Лилијана Дичева.

Покрај тоа што беше културен антрополог, тој беше и писател и активен есеист, објавувајќи во бугарски и европски публикации.

Добитник е на наградите за есеистика „Паница“, „Черноризец Храбар“ и „Димитар Пешев“ во Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот