Дичев за „Слободен печат“: Имињата на културните клубови се провокација, а повлекувањето на амбасадорот Ангелов е неразумно

Секаков вид хулиганство ќе се користи во Бугарија за заострување на односите со Северна Македонија. Многу партии се „обложуваат“ на вето за да си прават сопствена пропаганда, а факт е дека се наближуваат избори, вели за „Слободен печат“ професорот по културна антропологија на Софискиот универзитет, Ивајло Дичев.

Коментирајќи ги тензиите меѓу двете држави кои се интензивираа со претепувањето на секретарот на клубот „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков од Охрид, Дичев вели дека не знае дали овој ќотек бил од расистички побуди, односно расистички мотивиран, па треба да се почека да видиме што ќе каже судот. Притоа потсетува дека слични појави имало во Бугарија против Роми, а лани се случил, како што вели, „погром“ на ЛГБТИ невладина организација. Ова е одвратен престап, додава тој, и се надева на правична казна доколку се докаже дека е такво нешто.

Но, бугарскиот професор кој одлично е запознаен со односите меѓу двете земји има забелешка за културните клубови за кои што се жалат македонските Бугари.

– Имињата на овие културни клубови се непобитна провокација, но за жал малку луѓе во Бугарија го разбираат тоа. Треба да се смират страстите и од двете страни, бидејќи губиме и ние и вие, вели Дичев.

Според него, повлекувањето на бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов од Скопје, односно неговото задржување во Софија било неразумно, бидејќи „не може така да се реагира на секој маргиналец“.

– Но, не е лошо и Скопје да побрза со вметнувањето на Бугарите во Уставот, бидејќи колку повеќе се одложува тоа толку е полошо. Давате повод за сомнежи за дискриминација на Бугарите, што не е во ваш интерес, додава Дичев.

На прашањето за територијалните претензии и заканите од европратеникот Ангел Џамбаски Дичев објаснува дека ВМРО-БНД се обидува да се врати во политиката, но тој смета дека немаат шанса.

– Тие го измислија глупавото вето и сега користат повод да кажат дека биле во право. Мислам дека изјавите во Европарламентот се срам за Бугарија и придонесуваат за симпатии кон Северна Македонија, вели тој.

Поттикнувањето на взаемна омраза, како што вели Дичев, се надева дека ќе запре кога ќе заврши украинската војна и кога Русија ќе биде ставена на местото кое ѝ припаѓа, бидејќи поттикнува антиевропски настроени луѓе и во Бугарија и во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот