
Побарале ли хакерите откуп за да го одблокираат Фондот за здравство, Ковачевски откри каков бил нападот
Хакерскиот упад кој се случи врз системот на Фондот за здравство се случил со таканаречен ransomware (рансомвер) напад, што според валидната дефиниција значи дека хакерите барале откуп за да го вратат хакираниот систем назад во владение на ФЗОМ. Дека нападот бил од ваков уценувачки вид, за првпат денеска во јавноста откри премиерот Димитар Ковачевски и откри дека не е прв ваков напад во државата туку дека и претходно имало врз државни институции.
Препорачано
Ковачевски не кажа што презема државата за да ги заштити виталните бази и институции од вакви напади, на кои имуно не било ниту Министерството за земјоделие. И приватни компании според информации на „Слободен печат“ во последните три месеци се изложувани на вакви напади и барања за отплата. Тие кои имале бекап на податоците не плаќале, а другите морале да се согласат да си ги добијат податоците назад, со отворање на „чекмеџето“. ИТ експертите велат дека хакерите во последно време почнуваат да заработуваат големи суми на вакви начини.
Дали хакерите ја украле здравствената дата база на Фондот, според ИТ експертите зависи од тоа дали таа била енкриптирана или не. Доколку имало енкрипција, тогаш податоците за нив не би биле разбирливи, ама ако немало енкрипција, тогаш можно е да ги имаат сите документи.
На помош на експертите од Фондот за здравство им и германски ИТ колеги.
– Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи. Вчера разговарав со министерот за финансии да се најде начин во наредните денови ќе имаат решение но свесен дека вработените немаат земено плата и имаат кредитни картички, разговаравме да се направи исплата преку централниот трезор а потоа порамнување со трезорот во ФЗОМ. Сега и Министерството за финансии е вклучено. Се работи за комплексна операција. Апелирам сите вработени во здравството и корисниците на услугите на Фондот да имаат трпение бидејќи вработените во Фондот деноноќно работат со цел проблемот да биде решен во корист на сите корисници. Преку вработените во ФЗОМ немаше застој на услугите, ги продолжија работните часови, ги сменија процедурите рачно да се процесираат барањата на осигурениците, изјави премиерот Ковачевски.
Христијан Тасевски ИТ експерт за „Слободен печат“ вели дека ransomware нападите се напади каде напаѓачот воспоставува контрола врз систем или податоци во базата или податоци во рамки на системот и подоцна со цел да ја врати контролата на тој што го поседува – бара откуп, сума на пари кои се најчесто претставени во криптовалути или биткоини.
– Ако тие податоци се енкриптирани тогаш тоа е заштита, зашто потребен е и „клучот“ за отворање односно декрипција. Во тој случај само ќе ги располага податоците но за него нема да се разбирливи. Во спротивно, ако не се енкриптирани, може да ги има и податоците. Последен ваков напад имаше на нафтовод во САД каде што барана беше огромна сума за откуп. Не се обзнани дали Америка го исплати тој откуп, но се претпоставува дека е платен и се врати базата. Ова е релативно чест и најмодерен начин за хакерите да заработат, ни изјави Тасевски.
И други ИТ експерти кои ги консултираше „Слободен печат“ тврдат дека во 99 проценти од случаите, хакерите бараат откуп за враќање на податоците за кои тие имаат клуч за енкрипција после нападот. Ваквите хакерски напади може да се превенираат ако институциите прават бекап на податоците на дневна база, и во тој случај и да се случи напад, би загубиле само податоци од последните неколку часови, тврдат експерти и додаваат дека речиси ниту една институција нема добра заштита на својот информационен систем која е и многу скапа.
Хакерски напади во изминатиот период имаше обиди за упад во УЈП, Катастар, МОН, Министерството за земјоделство и приватни фирми и им требаше подолг период за да ги вратат системите во функција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски претпладнево соопшти дека во изминатиот период имало обиди за хакерски напади во МОН и Министерството за информатичко општесто и администрација, Министерството за земјоделство, како и во Државниот завод за статистика во текот на спроведувањето на пописот, но биле одбиени. Спасовски даде и објаснување за нападот врз ФЗОМ.
– Во Фондот за здравство се работи за хибриден напад, со којшто напад практично е влезен во нивниот систем. Нашиот Оддел работи интензивно и бараме поддршка од институциите и меѓународните партнери, се со цел да го заштитиме системот колку што е можно. Ова треба да ни покаже една работа што на секој еден од нас мора да ни биде јасно, дека практично сите треба да бидеме дел од заштита на тој систем и да посветиме поголемо внимание на сајбер нападите и да се зголеми отпорноста на институциите, бидејќи нереално е да очекуваме една институција да ги штити сите институции и тоа не е наша задача. Секоја институција на својот систем ќе мора да има соодветни заштити, рече Спасовски.