По втор пат цути зумбулот, а сливите, бадемите и леските се полни со цвет

Расцветани овошки/ Фото: Pexels

Во јужните делови на Македонија, а и во Тиквешијата, некои дрвца повторно процветаа поради нереално високите температури во октомври, а и сега во првите ноемвриски денови. На страницата Земјоделие.мк се споделуваат фотографии на расцутени зумбули, проследени со муабети дека тоа навестува дека зимата ќе биде лоша и долга

Расцутени лешници, рани сливи и бадеми среде ноември. Во јужните делови на Македонија, а и во Тиквешијата, некои дрвца повторно процветаа поради нереално високите температури во октомври, а и сега во првите ноемвриски денови. На страницата Земјоделие.мк се споделуваат фотографии на расцутени зумбули, проследени со муабети дека тоа што ова цвеќе цути по вторпат годинава, навестува дека зимата ќе биде лоша и долга. Други, пак, контрираат дека и лани имало двојно цутење, но зимата сепак била блага.

Како и да е, оваа појава е штетна за растенијата и доколку не се преземат мерки, може да влијае врз значително намалување на приносите во наредната година, велат стручњаците. Треба да се нагласи дека последователното цветање е штетно за растенијата, дека негативно влијае врз развојот, ја зголемува чувствителноста на неповолните фактори како што се ниските зимски температури и доколку не се преземат мерки за правилно внесување на растението во зимскиот период на мирување, може да влијаат врз големо намалување на приносот во следната година.

Како што објаснува за „Слободен печат“, агрометеорологот Ангелко Ангелески, ова не е добро и ќе значи изгубен род.

– Во јужните краеви од државата, каде што има влијание на уште потопол воздух и климата е медитеранска, веќе е забележано цутење на раните видови сливи, на бадемите и на леските. Нормално дека не е добро, бидејќи се најавува постуден бран со појава на слана што ќе ги изгори кревките цветови. Тоа е загубен род за догодина. Климата се менува и сè што ни се чинеше далечно пред десетина години, сега станува редовна појава. Октомври беше натпросечно топол, а и овие денови од ноември има драстично повисоки температури од вообичаените за средина на есента, кога природата вообичаено влегува во фаза на мирување – вели агрометеорологот Ангелески.

Поради невообичаено високите температури за овој период од годината, природата не замина во фаза на одмор, па одредени овошја како јагоди, цреши, круши… повторно процветаа и во поголемиот дел од Србија. Еден од водечките српски стручњаци за овоштарство, д-р Александар Лепосавиќ од Институтот за овоштарство во Чачак, порача дека во некои години, како оваа, цветањето се случува и во рана есен, што е најчесто резултат на нарушувањата во развојот на овошните пупки.

– За разлика од повторната фолијација, која најчесто е последица на рано губење на листовите, поради претерана појава на болести и штетници, а која значително поштетно делува врз растенијата, есенското цветање се јавува во септември и октомври. Тоа е последица на предвремениот развој на репродуктивните пупки формирани во таа вегетација и кои во нормални услови би цветале и би вродиле плод во следната вегетација – објаснува Лепосавиќ.

Ова цутење најчесто е резултат на вегетација со долг сушен период, како што беше случај годинава, но се јавува и кај растенијата со оштетување на лисната површина поради болести, топол ветер и други неповолни фактори. Тој нагласува дека кога станува збор за бобинки, повеќето сорти што се одгледуваат имаат особина да се дводомни – односно можат да цветаат и да вродат двапати во иста вегетација.

– Ако малините и јагодите сега процветаа и вродија со плод, причината не треба да се бара во некои неприродни појави. Тоа не значи дека се најавува тешка зима или некои други предвидувања со кои нашиот народ многу често го објаснува, па дури и мистифицира она што сега го имаме во природата – вели Лепосавиќ.

Тој додава дека во секој случај оваа појава не е добра за растенијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот