
По убиството во Албанија, се исплашија и македонските судии – апелираат да се внимава на коментарите за судството
По убиството на судијата во Албанија, кого еден обвинет вчера го застрела во срце во судница, со реакција излезе македонското Здружение на судии, кое апелира на влијателни поединци и структури да се воздржат од неодмерени изјави зашто создаваат атмосфера на недоверба и притисок.
Препорачано
– Овој чин претставува сериозен напад врз независноста и достоинството на судиската функција и е потсетник дека судиите мора да можат да ја извршуваат својата работа слободно, професионално и без страв за личната безбедност. Владеењето на правото е можно само кога судството е заштитено од каков било притисок или закана. Здружението упатува апел до сите релевантни институции и чинители во општеството да придонесат кон зачувување на достоинството и безбедноста на судиската професија. Воедно, повикуваме на особена внимателност во јавното коментирање на судските постапки и носителите на судската власт, особено од страна на влијателни поединци и структури, бидејќи неодмерените изјави можат да создадат атмосфера на недоверба и притисок, што индиректно може да поттикне несакани и трагични настани. Здружението на судии на Република Северна Македонија останува посветено на промовирањето и заштитата на независноста, непристрасноста и безбедноста на судиите, како основа за праведно и демократско општество – се вели во реакцијата на Здружението.
Владејачката структура, особено во кампањата ги засили критиките кон правосудството обвинувајќи дека дел од судиите и обвинителите се корумпирани и дека шуруваат со претходната власт. Премиерот Христијан Мицкоски ги нарекува судиите и обвинителите „последниот бастион на криминалот и корупцијата“ и вели дека не ги заслужуваат и платите што ги добиваат, иако Европската комисија бара нивно зголемување.
Апелацискиот судија Астрит Каљаја вчера беше однесен во болница во Тирана каде што им подлегна на повредите. Сторителот Ѓан Шлемби испукал три куршуми во судијата Калаја, веднаш откако почнал да ја чита донесената одлука во врска со неговиот случај.
Судијата Калаја водел случај околу сопственоста на поранешна училишна зграда во северниот град Скадар, во која биле сместени 31 семејство. Семејствата го тужеле Шлемби дека со фалсификувани документи станал сопственик на објектот и на околната површина и барал од нив да го напуштат објектот.
Се истражува како убиецот минал преку неколку физички проверки и детектори за метал.
ЕУ бара од Албанија под итно да ја зголеми безбедноста на судиите