
По сторијата на „Слободен печат“: Лажната докторка од Гевгелија заработи обвинение
Откако „Слободен печат“ го откри случајот за лажната докторка од Гевгелија во текстот со наслов „Докторка од Гевгелија – доктор за фалсификати“, Обвинителството во Гевгелија спроведе постапка, ги прибра сите докази и поднесе Обвинителен предлог против неа за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Препорачано
Обвинетата изготвила лажни јавни исправи – Уверение за дипломирање наводно издадено од Медицинскиот факултет при Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј” во Скопје и Уверение за положен стручен испит наводно издадено од Лекарска комора на Република Македонија, а потоа на 22.09.2016 година ги употребила лажните документи како вистински, доставувајќи ги во прилог на пријавата на објавениот оглас за вработување на здравствени работници на неопределено време со завршено високо образование – доктори на медицина, објавен од страна на ЈЗУ Општа болница Гевгелија.
Врз основа на документите била донесена одлука со која обвинетата била избрана како единствен кандидат и вработена на работно место доктор по медицина.
Истите лажни јавни исправи таа ги употребила како вистински пријавувајќи се и на објавениот јавен оглас за запишување на специјализација односно супспецијализација на Факултетот за медицински науки при Универзитетот ,,Гоце Делчев” – Штип по што и била одобрена специјализација за анестезиологија и интензивно лекување.
Од 01.01.2017 година обвинетата започнала со специјализација и по завршен специјалистички стаж го положила специјалистичкиот испит за што Лекарската комора на Република Северна Македонија и издала Уверение за положен специјалистички испит, но кога обвинетата на 04.07.2024 година поднела Барање за издавање лиценца за работа по анестезиологија со интензивна медицина Лекарската комора утврдила дека обвинетата специјализацијата ја започнала врз основа на лажни документи кои не биле издадени од Медицинскиот факултет Скопје и од Лекарската комора. Од кои причини и бил поништен специјалистички стаж и испит, а барањето за издавање на лиценца за работа по специјалност анестезиологија со интерна медицина и било одбиено како неосновано.