По препорака од ЕМА ќе се одлучи дали помладите ќе се ревакцинираат со „АстраЗенека” или со друга вакцина

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека утрово е разговарано со српското Министерство за здравство за список на македонски граѓани кои се вакцинирале со „АстраЗенека” во Србија, а откако ќе биде познат ставот на Европската агенција за лекови (ЕМА) дали таа ќе продолжи да им се дава на помлади лица, тие наши граѓани во земјава ќе ја добијат втората доза од оваа вакцина.

Доколку по препорака на ЕМА нема да продолжи вакцинирањето кај помлади од 60 години со „АстраЗенека”, овие луѓе ќе бидат ревакцинирани со вакцина од друг производител.

– Ние ќе се водиме според препораките на Европската агенција на лекови. Бордот на ЕМА меѓу 6 и 9 април ќе има состанок и ќе се чека нивниот став во однос на аплицирање „АстраЗенека” кај помлади – доколку ставот е да се продолжи и нема никаков проблем – сите тие ќе може да бидат и ревакцинирани,  изјави Филипче.

Додаде дека вакцинирањето со „АстраЗенека” кај граѓани над 77 години на пунктовите низ државата се одвива добро и без контраиндикации, има списоци и за помлади од таа возраст, а треба да стигнат и дополнителни колични од оваа вакцина.

Во претстојниот период се очекуваат и 20 000 вакцини „Спутник” за да бидат ревакцинирани граѓаните кои од вчера масовно се имунизираат со оваа вакцина во салата Борис Трајковски.

Од средината до крајот на месецов се очекуваат и кинеските вакцини и вакцините „Фајзер”, но, рече Филипче, бидејќи многупати досега најавите не се остварија поради проблеми од страна на производителите, ќе соопштат тогаш кога ќе има конкретни датуми.

– Има најави дека помеѓу 15 и 20-ти треба да стигнат и кинеските и вакцините „Фајзер” од нашиот директен договор и од трипартитниот од Европа, но кога ќе имаме конкретни датуми, ќе ги соопштиме, рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот