
По повеќе од 50 години: Се организира најголемата потрага по чудовиштето од Лох Нес
Кон крајот на овој месец ќе се одржи потрага по чудовиштето од Лох Нес, опишана како најголемата, по повеќе од 50 години, пренесува „Би-би-си“.
Препорачано
Планирано е да прелетуваат беспилотни летала, опремени со инфрацрвени камери над езерото, а хидрофон да се користи за откривање невообичаени подводни звуци. Организаторите на оваа историска потрага, велат дека волонтерите ќе бараат и можни знаци на суштеството од безбедни точки на копно. Потрагата треба да се изврши на 26 и 27 август.

Центарот „Лох Нес“ во Друмнадрочит и волонтерскиот истражувачки тим наречен „Истражување на Лох Нес“ ги организираат сите детали околу оваа потрага.
Тие велат дека ќе биде најголемата потрага по чудовиштето, откако Истражното биро во Лох Нес, го проучувало езерото во 1972 година. Бирото е формирано во 1960-тите, за да се открие големата мистерија за постоењето на чудовиштето во водите на Лох Нес.

Инаку, луѓето ќе можат да платат за патувања на езерото, за време на пребарувањето овој месец.
„Нашата надеж е да инспирираме нова генерација ентузијасти од Лох Нес и со придружување на оваа потрага од големи размери, ќе имате вистинска можност лично да придонесете кон оваа фасцинантна мистерија што плени толку многу луѓе од целиот свет“, изјавила Алан Мекена, од истражувачкиот тим.
Пол Никсон, генерален директор на Центарот Лох Нес, објаснил дека потрагата ќе вклучи технологија која претходно не била користена, а секако безбедноста на волонтерите ќе биде приоритет.

Легендата за постоењето на чудовиштето Неси, датира од средниот век кога се вели дека ирскиот монах Свети Колумба наишол на необично суштество во Лох Нес.
Инаку, во 2019 година, научниците рекоа дека суштеството за кое се смета дека е легендарното чудовиште од Лох Нес, можеби се џиновски јагули. Истражувачи од Нов Зеланд се обидоа да ги каталогизираат сите живи видови во езерото со екстракција на ДНК од примероци од вода. По анализата, ја отфрлија можноста за присуство на големи животни.

Не беа пронајдени докази ни за праисториски морски рептил наречен плезиосаур или голема риба како што е есетра.
Досега, оваа година имаше три наводни видувања на чудовиштето Неси. Најновата беше во јуни кога една француска двојка пријавила дека видела „темна форма долга речиси 20 метри, што се движела веднаш под површината на водата неколку минути.
ФОТО | Француски турист го фотографирал чудовиштето од Лох Нес: Дали Неси повторно се појави?