
По пет месеци, обвинение за убиството во кафе-бар во Штип – пукачот, девојката-возач и уште тројца ќе одговараат
Основното јавно обвинителство Штип по речиси цели пет месеци, поднесе обвинение против петмина турски државјани вмешани во убиството на 21-годишниот студент Енес Оздемир од Турција во мај годинава. Се товари убиецот, како и пријателите кои му помагале да избега кон Скопје.
Препорачано
Како што информира ОЈО, тројца од обвинетите му помогнале да го изврши убиството и ќе одговараат според членот 24, додека една обвинета се товари за помагање на сторителот по извршување на тешкото кривично дело.
„Првообвинетиот 21-годишник без регулиран престој во државава, на почетокот на мај од непознато лице во Скопје, неовластено купил полуавтоматско огнено оружје –пиштол марка “FEG” , калибар 9 мм, со избришани податоци за модел и сериски број. Преку мобилни апликации се договорил со оштетениот на 8 мај да се сретнат во кафе бар во центарот на Штип, седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал“, соопшти ОЈО.
Тројца обвинети, се вели во соопштението, иако знаеле и биле свесни за неговите намери да го изврши убиството, му обезбедиле логистичка поддршка. Кога првообвинетиот пристигнал во Скопје од Турција, на 30 април му обезбедиле сместување во станот кој и тие го користеле подолго време претходно. Тие му помогнале и од непознати луѓе да го набави пиштолот. На денот на убиството, сите четворица, со автомобилот на еден од нив, отишле во Штип.
„По извршување на убиството, со цел да не бидат откриени, ја повикале и петтата обвинета да ги превезе со нејзин автомобил, па сите заедно се упатиле кон Скопје. Кога пристигнале пред наплатната рампа за патарина „Миладиновци“ и кога забележале дека на патарината е поставено полициско возило кое врши контрола, обвинетата, иако знаела дека првообвинетиот е извршител на убиство и по него се трага, се обидела да му помогне да не биде откриен и фатен. Таа го запрела возилото на околу 300 триста метри пред патарината, овозможувајќи му на директниот извршител да излезе и да почне да бега надвор од коловозот, покрај автопатот, каде подоцна бил пронајден и уапсен“, велат од Обвинителството.
Девојка го возела „БМВ“-то со кое бегаше убиецот на студентот од Штип
Останатите, се додава, продолжиле да се движат со возилото кон патарината и биле запрени од полициските службеници, кои започнале да ги легитимираат и да вршат преглед над возилото. Иако се обиделе да избегаат, по кусо време биле фатени и уапсени.
За четворица обвинети јавниот обвинител побара да биде продолжена мерката притвор, додека за петтата обвинета на сила се претходно определени мерки на претпазливост.