
По неуспешните квалификации за ЕП 2025: Кошарката ни е во тешка криза
Македонската репрезентација веќе една деценија не ги израдувала домашните фанови со учество на големо напреварување. Последниве квалификации за ЕП беа трет неуспех по ред. Нашите клубови се помалку се присутни во меѓународни натпревари, учествуваат со се помал успех. Во домашното првенство главно ни играат странци. Спортот под обрачите ни е во голема криза
Македонската репрезентација третпат по ред беше неуспешна во квалификациите за европско првенство, нашите клубови исто така сезонава бележат неуспеси на меѓународен план, на кошаркарските натпревари има се помалку публика, се полошо ни оди во спортот под обрачите.
Препорачано
Го имаме третиот најдобар стрелец во целите квалификации, Ненад Димитријевиќ, со просек 26,2 поени во пет натпревари, а не се ни доближивме до пласман на ЕП. Остатокот од тимот едноставно не беше на потребното ниво за да се обезбеди учество.
Од четирите меча што го игравме со противници кои се бореа за учество, убедливо ги изгубивме сите четири, два дома и два на гости, против Литванија и Естонија.
Победите против Полска се успех, но тој тим во нашата група играше тренинг-мечеви затоа што како домаќин на ЕП беше однапред квалификуван.
Прашање е како понатаму? Иднината не ни изгледа розова и покрај оптимистичките изјави од Стручниот штаб. На што би се темелел оптимизмот?
Претседателот на КФСМ Перо Антиќ по својот реизбор во март 2023 година меѓу другото зборуваше за подмладување на репрезентацијата. Но некое значајно подмладување не видовме.
Нашата репрезентација беше најстара во квалификациската група, во споредба со Естонија и со Литванија. Дали селекторот Александар Јончевски не сака да ја подмлади? Или толку може?
Погрешен „рецепт“ на прволигашите
Факт е дека нашите клубови-прволигаши, од кои поголемиот дел на големо се потпираат на странци, не „произведуваат“ доволно домашни сили од кои селекторот би селектирал конкурентен тим да мине квалификации за ЕП.
Странците со години доминираат во домашното првенство, од година во година се повеќе. Се помалку место има за домашните играчи. Така не може да се создаде силна и успешна репрезентација.
Ситуацијата колку-толку ни ја спасува тој еден натурализиран играч, без разлика дали е Ти Џеј Шортс или Итан Хап или некој трет. Но ни Литванија ни Естонија немаат странци, па не надиграа целосно во сите мечеви.
Дамјан Стојановски веќе се прости од националниот дрес, а и некои други стандардни членови се близу до горната возрасна граница. Колку националниот тим ќе се подмладува и како ќе се успее во тоа, останува да видиме. Во август претстојат претквалификациите за СП 2027, а квалитетот на можните противници е висок.
Лоша меѓународна сезона за клубовите
Нашите клубови исто така сезонава имаа исклучително лошо издание во меѓународните натпреварувања. Имавме три клуба во АБА 2 лигата, која е еден вид развојна лига на АБА лигата.
Учествуваа МЗТ Скопје, Работнички и Пелистер. Ова би требало да биде најдоброто од Македонија на клупски план. Ниеден од нашите три клуба не успеа да ја мине ни првата фаза од лигата, сите беа елиминирани уште лани и за нив тогаш заврши меѓународната сезона. А од аеродромци имаше најави и дека ќе одат на освојување на титулата.
Другите клупски натпреварувања во Европа главно се недостапни за нашите клубови. Имаше обид пред две години Работнички и Феникс да играат во ФИБА Евро купот, но испаднаа уште во квалификациите…
Којзнае кога повторно ќе видиме меѓународен успех од некој наш клуб. А толку многу страци играат во нив?!