Фото: МИА

По „нападот“ од Правда, претседателката на кумановскиот суд Манев негира дека се злоупотребува АКМИС

Претседателката на Основениот суд Куманово Снежана Манев ги негираше обвинувањата од Министерство за правда за злоупотреби на АКМИС системот и за нарушени меѓучовечки односи во судот. Таа за „Слободен печат“ вели дека Министерството за правда пред извесен период извршило надзор над работата на судот и не дал никакви забелешки за неправилности или пропусти во работењето. Вели дека обвинувањата што се изнесени против неа се измислици, можеби и политички мотивирани, а таа има добри односи со сите колеги во судот.

Министерството за правда вчера со соопштение за јавоста го предупреди  Судскиот совет дека пет месеци не постапува според извештај што самиот совет го изработил за неправилности во работењето на кумановскиот суд и за лош однос на претседателката Манев кон вработените.

Манев во изјава за „Слободен печат“ вели дека Судскиот совет во контрола во судот во Куманово бил во февруари и дека не нашле забелешки.

– Постапено е и одговорено на сите нивни барања, дадени им се на увид сите документи. Членовите на Судскиот совет разговараа и директно со судиите. Не утврдија дека има недостаток, ниту проблем. Дури сега скоро Судскиот совет испати допис и побара дополнителни податоци за АКМИС за некои конкретни предмети. Инаку, распределбата и промената во АКМИС системот го вршиме со решенија, за сите промени има соодветно решение, ако судијата бил отсутен, ако бил на боледување… Се им испративме до Судскиот совет на дополнителното барање, но до денес од нив немаме одговор – вели Манев за „Слободен печат“.

Исто така, додава таа, и Министерството за правда секоја година доаѓа во контрола на кумановскиот суд.

– По надзорот од оваа пролет добивме извештај од Министерството во кој немаше никаква забелешка, нека го дадат извештајот во јавноста да го види – вели Манев.

За жалбите за нарушени меѓучовечки односи во судот за кои, според сведочењата на судиите пред членовите на Судскиот совет е одговорна претсетаделката Манев, таа вели дека знае отприлика од каде потекнуваат тие муабети, но нема да навлегува.

– Јас сум 18 години судија и имам добри односи со сите колеги. Се работи за набедувања, измислици, можеби и политички поттикнати, не навлегувам во тоа. Судот во Куманово во послединте пет години работи како успешен суд – вели Манев за „Слободен печат“.

Вчера Министерството за правда информираше дека и покрај укажувањата и писмените дописи за констатирани неправилности во работата на Основниот суд Куманово, Судскиот совет одолговлекува и не постапува по извештајот кој е изготвен од нивна страна и јавно објавен на веб-страницата на Советот. Министерството го повикува Судскиот совет да постапи согласно надлежностите, бидејќи, како што е велат, „неказнувањето на вакви случаи ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството.“

Според Министерството, Судскиот совет бил во работна посета на кумановскиот суд на 1 февруари годинава и подготвил извештај каде се констатирани нарушувања на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недискриминација по која било основа,  користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателот на судот, како и злоупотреба на АКМИС системот, кое, според нив, во голема мера влијае на односите и работењето на судот.

Од Министерството наведоа и дека министерот за правда Кренар Лога на 11 април испратил писмено побарал Судскиот совет да преземе соодветни мерки или дејствија по однос на констатираните наводи, а особено заради тоа што разгледувањето на Извештајот било на дневниот ред на седница на Судскиот совет одржана на 13 март.

– Во Извештајот се наведени и злоупотреби на АКМИС системот, исклучување на одредени судии од автоматската распределба на предмети. Од увидот на предметите во работната група е констатирано долго траење и одолговлекување на постапката, неуредно и неажурно верификување на предметите во АКМИС системот – дополнуваат оттаму.

Од Судскиот совет добиле известување на 12 април дека дописот е доставен на запознавање и постапување до координаторот за следење на работата на Основниот суд Куманово, членот на Советот, Ханиф Зендели. Министерството понатаму не добило одговор, па испратиле ургенција до Советот да постапува. Заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели им доставил одговор на 29 јуни дека е изготвен дополнителен извештај кој е потребно да се разгледа на седница на Судскиот совет по што ќе нè информираат за констатираната состојба, велат оттаму.

„Слободен печат“ испрати и прашање до Судскиот совет за коментар во врска со предупредувањата од Министеството, но се уште не добивме одговор.

Судот во Куманово вчера го зафати пожар, а Министерството за правда денеска испрати соопштение дека во надзорите на судот укажувале  дека архивата треба да се премести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот