Фото: Слободен печат / Методи Здравев

По многу најави, конечно му дојде редот: Ќе се враќа „сјајот“ на домчето во Ченто

Подземниот кат ќе биде во вид подрумски простории каде што се предвидени остава, шминкерница, гардероби и тоалети. Еден кат погоре, на приземјето ќе се изградат фоаје, билетарница, галерија, тоалет за лица со посебни потреби, гледалиште, сцена и канцеларии, додека пак на горниот кат ќе биде сместена библиотека и уште едни тоалети за лица со посебни потреби.

Руинираниот, опожарен и со години уништуван и заборавен Дом на културата „11 октомври“ во Ченто, по неколку децении официјално го дочека почетокот на неговата целосна реконструкција, откако градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски овој викенд го најави проектот за неговото обновување.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Домот на културата, или како што го нарекуваат жителите на населбата „Домчето“, e лоциран во паркот во Ченто, a на времето бил едно од омилените места на граѓаните од овој дел на градот. На површина од 2.800 метри квадратни, Домот располагал со голема бина, сала со над 300 седишта и кино, а сега, како што тврдат жителите, е претворен во центар за зависници, место исполнето со ѓубре и искористени шприцови, што според жителите претставува огромна закана за локалното население, но и за животната средина.

Претходно, градоначалникот во јануари исто така го најави почетокот на реставрација на, како што рече тој, местото што претставува центар на културата во општината.

– Со задоволство сакам да најавам дека за неколку денови почнува целосна реконструкција на Домот на културата во Ченто. По неколку децении жителите на Ченто и граѓаните на општината Гази Баба ќе добијат место што ќе претставува центар на културата во нашата општина. И овој проект е дел од мојата изборна програма, а ние ветените проекти ги реализираме – напиша тогаш Стефковски на Фејсбук, без точно да прецизира какви било детали околу претстојната реконструкција.

Педесетина дена по најавата, реконструкцијата на овој објект сѐ уште не беше започната, а местото беше оставено запустено, уринирано, исчкртано со графити, а според минувачите, долго време било и дувло на наркомани.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Идејата за реставрација не беше меѓу приоритетите за Општината сѐ додека, пред неколку години, не се случи немил настан, кога летото 2022 година седумгодишно дете играјќи си со свој врсник во близина на руинираниот објект, паднало и се набодело на користена игла на шприц од зависник од дрога.

Тогаш граѓаните жестоко реагираа до градоначалникот и од него побараа итно решение за овој долгогодишен проблем, со кое ќе го исполни своето ветување за реконструкција на објектот.

Стефковски посочи дека веќе е започнато изготвување проект, иако неговиот претходник Борис Георгиевски на крајот од својот мандат тврдеше дека за Домот е изготвен основен проект, кој предвидува повторно активирање на салата и враќање на библиотеката во објектот, а дека се предвидени и простории за младите.

– Џабе најави градоначалникот, овде никој нема дојдено уште од минатата година. Сите ветуваат, ама Домчето со години е исто, дури и влошено. Нашите деца веќе одамна знаат да не поминуваат оттаму во било кој дел од денот, особено во доцните вечерни часови – вели жител од Ченто за „Слободен печат“.

Неколку пати пративме прашања до Општина Гази баба за конкретната вредност на овој проект, кој го финансира, кога се планира да биде завршен и што се ќе содржи овој нов објект, но одговор не добивме.

Екипата на „Слободен печат“ деновиве беше на терен во Ченто каде што забележа дека сепак нешто се подготвува со Домот, затоа што околу објектот беше поставена црвена лимена ограда. Оградата, според минувачите, била монтирана неодамна, по што започнало чистење на објектот од шут и отпад.

Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Вчера градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински, официјално го претставија целиот план за обнова на овој објект.

Веста за официјалното започнување на реконструкцијата, Стефковски викендот ја објави на социјалните мрежи.

– По 50 години, Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто ќе блесне во нов сјај! Од најцрна дупка во општината, создаваме место кое ќе биде центар на културата – соопшти градоначалникот.

Проекција за новиот изглед на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто / Фото: Фејсбук

Тој информира дека објектот ќе биде распространет на површина од 1000 метри квадратни, дека ќе биде на два ката и еден подземен, а ќе бидат изградени и лифт и тоалети за лица со посебни потреби.

Подземниот кат ќе биде во вид подрумски простории каде што се предвидени остава, шминкерница, гардероби и тоалети. Еден кат погоре, на приземјето ќе се изградат фоаје, билетарница, галерија, тоалет за лица со посебни потреби, гледалиште, сцена и канцеларии, додека пак на горниот кат ќе биде сместена библиотека и уште едни тоалети за лица со посебни потреби.

Стефковски истакна дека изградбата на Домчето е со средства на Владата. Целосната инвестиција изнесува 82,4 милиони денари, или нешто над 1,3 милиони евра, а градоначалникот очекува градежните активности за бидат готови за помалку од 18 месеци, што значи дека наредната година во септември треба да биде пуштен во целосна употреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот