Чајот Паразол се продава по цена од 2.400 денари

По истражувањето на „Слободен печат“: Инспекциски глоби за чајот Паразол, а Обвинителството ги бара рекламерите што го злоупотребија д-р Никола Пановски

Две инспекции влегоа во фирмата Монад Плуг во Скопје, откако „Слободен печат“ објави дека чајот Паразол кој го увезува оваа фирма, на интернет се продава со манипулативен и нечесен маркетинг. Фирмата увозник Монад Плуг од Скопје како и производителот Монатизе АД од Босна, се оградија од интернет – дезинформациите за производот што им го направиле достапен со увоз на македонските потрошувачи. Оттаму велат дека не се поврзани со рекламирањето на интернет во кое се тврди дека „Паразол ги лекува паразитите за 30 дена“, дека ,,е подобар од специјалните хемиски лекови” како и дека ,,Паразол е овластен лек препорачан од лекарите за отстранување паразити дома”.

Негираа и дека имаат врска со рекламите во кои се злоупотребува доктор Никола Пановски, како лекар со врвна професионална репутација. Не само што докторот не го препорачува овој производ, туку и ќе тужи за злоупотреба на неговите лични податоци во лажните реклами, а според информации на „Слободен печат“, уште двајца лекари кои на сличен начин биле користени за лажно рекламирање на напивки со епитети на еликсир – размислуваат да му се приклучат во групна тужба.

Како што веќе се уверивме во текот на проверките во документацијата – во Македонија Паразол влегува на граница како обичен чај. Производот на територијата на земјава не фигурира како додаток во исхраната или како лек, медицинско средство или граничен продукт. Овој производ не поминал низ регистрацискиот процес во Агенцијата за лекови и медицински средства, па затоа не би смеело да се тврди дека со него се лекуваат паразити, како што во дел од рекламите се прави.

И Агенцијата за храна и ветеринарство и пазарниот инспекторат влегоа во Монад Плуг поттикнати од нашето истражување, но оттаму излегоа со скромни изречени глоби и уште поскромни ингеренции во областа на интернет рекламирањето кое не ни беше дел од нивните надзори. Затоа, лажните интервјуа со Пановски уште си врват на интернет иако и инспекциите знаат дека постојат, но не им е во надлежност и немаат како да дознаат кој стои зад нив. Во потрагата не им помогна ни фактот што во минатите текстови обелоденивме, дека кога ќе го нарачате Паразол преку официјалната страница, ви се јавува телефонски оператор од телефонски број регистриран на една од подружниците на Монад Плуг во Скопје и ви вели дека доктор Никола Пановски го препорачува чајот.

Видни лекари, естрадни ѕвезди па и еден Чеченец злоупотребен во кампањата за Паразол/Слободен печат

Што откри вонредната инспекција на АХВ за Паразол?

Бидејќи и самите го нарачавме производот, се уверивме дека станува збор за 50 грама измешани нане, анасон, мајчина душичка, вранилова трева и пелин, кои се продаваат по цена од 2400 денари. За разлика од рекламите раштркани во интернет просторот, на самата кутија од чајот ниедно лековито својство или медицинско тврдење не се споменува. Тоа го напишавме во нашиот серијал од претходните текстови, со напомена дека проблемот е во интернет рекламата и во дел од телефонските оператори кои велат дека доктор Никола Пановски го препорачува Паразол. Инспекцијата на Агенцијата за храна потврдила со својот надзор дека на пакувањето на чајот нема медицински тврдења, но нашла недостатоци во некои други аспекти на обележувањето на задолжителните информации за храната.

Инспекциските служби на АХВ во петокот спроведоа вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна Монад Плуг Скопје. Контролата е спроведена во однос на безбедноста на производот чај, мешавина од билки Паразол и на здравствени тврдења, кои според пишувањата во весникот „Слободен печат“, се истакнуваат при продажба на производот. Извршен е увид во документацијата која е дел од увозната постапка на производот чај Паразол. Во моментот на надзорот во магацинот на операторот затекнат е посочениот прехранбен производ кој е увезен од Босна и Херцеговина. На пакувањето, со контролата не се утврдени здравствени тврдења. Недоследности се утврдени само во делот на означувањето, односно во декларацијата на македонски јазик недостигаат делови од задолжителните информации за храна (назив на производ, состав во однос на процентот на удел на секоја од билките, хранлива вредност). Прекршокот се однесува на недоследности во член 29 став 1 и член 29 г став 1 од Законот за безбедност на храна и за него предвидена е глоба, ни рекоа од АХВ.

Злоупотребено името на познатиот микробиолог проф. д-р Никола Пановски

Проверивме во законот и предвидената глоба е 5 илјади евра, но не значи дека тоа е износот со кој ќе биде казнета фирмата, со оглед на тоа што инспекцијата уште трае, а при пресметувањето на истата, се земаат предвид дополнителни фактори, меѓу кои и компанискиот приход. Законските членови што се прекршени предвидуваат операторот со храна да ја означи храната заради обезбедување на информации за потрошувачите и да наведе некои задолжителни информации, кои делумно биле пропуштени во случајот со Паразол, иако некои од нив биле наведени.

И покрај тоа што инспекциските надзори поттикнати од нашето истражување резултираат со глоби, сепак ниедна од нив не е за маркетингот на интернет, бидејќи и пазарната инспекција и инспекцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство се прогласија за ненадлежни во тој домен. И тие исто како и сите, гледаат дека Паразол се рекламира со лажни интервјуа, ама немаат член во Законот за безбедност на храната кој им дава овластување да постапуваат и да проверуваат ај пи адреси. АХВ не може да открие кој стои зад ај пи адресите од каде се емитуваат дезинформациите за Паразол, ама тоа може да го направи Обвинителството и оттаму ни одговорија дека веќе постапуваат.

Освен инспекторите на АХВ, во Монад Плуг инспекциски надзор изврши и пазарната инспекција. И тие воопшто не се осврнаа на рекламите каде се вели дека Паразол лекува паразити за 30 дена и дека е подобар од специјалните хемиски лекови. Пазарните инспектори на Монад Плуг му изрекоа глоба од 240 евра зашто фирмата немала поднесено пријава за интернет продажба.

Уште ниедна институција не открила дали лажните реклами кои цутат на интернет и кои водат до кол центрите на овој оператор со храна, всушност се поврзани со Монад Плуг. Следствено, чајот Паразол ниедна институција не ја интересира како се рекламира, се додека плаќа даноци и има регуларен увоз.

Јавното обвинителство постапува за лажниот маркетинг

Јавното обвинителство издало повеќе наредби за да се идентификува кои лица стојат зад креираните лажни реклами преку кои се продава чајот Паразол, со злоупотреба на кредибилитетот и личните податоци на доктор Никола Пановски. „Слободен печат“ оваа потврда ја доби од Обвинителството.

Пановски пак, е дециден дека никаков чај не препорачува, а дека паразитите се лекуваат со специјални одобрени клинички тестирани лекови кои што се одобруваат во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД со точно утврдено дозирање и на препорака на специјалист. Вџашен од невистините и злоупотребата на неговите лични податоци, тој случајот го пријави во секторот за компјутерски криминал во МВР, од каде добивме одговор дека јавен обвинител постапува по пријавата и се издадени неколку наредби за да се идентификуваат лицата кои стојат позади рекламите.

д-р Александар Митов / Утрински брифинг

Во меѓувреме, комплексната мрежа на рекламни лаги истурени на интернет просторот, не запира само со Пановски, туку жртва на лажно интервју стана и докторот Александар Митов. И за него исплива невистина, дека наводно препорачувал производ Хипер Теа. Згора на тоа, во лажната фабрикувана реклама, не е злоупотребено името само на доктор Митов, туку и на клиниката Филип Втори, бидејќи е наведено дека Митов „е еден од најпознатите македонски кардиохирурзи, основач и сопственик и менаџер на специјалната болница Филип Втори“ што пак е ноторна невистина. Но, оние граѓани кои не ги знаат титулите, референците и менаџерските структури на болниците, кога ќе го погледнат фабрикуваното интервју, можеби ќе бидат поттикнати да нарачаат производ и да го платат солено инспирирани од тој блескаво нереален маркетинг.

Организацијата на потрошувачи апелира на граѓанска внимателност

Претседателката на Организацијата на потрошувачите, госпоѓата Маријана Лончар, во разговор за „Слободен печат“ вели дека има практики кои се таксативно набројани во законот а кои се карактеризираат како измамни без да се докажуваат. Има измамни практики кои се вршат со чинење и нечинење (недавање битни информации). Тоа може да се случува кај прехранбените производи, во туристичките дејности, во многу други области.

-Надзорот е на државниот пазарен инспекторат и кај органите на надзорот, вели госпоѓа Лончар.

Таа појасни преку примери како тоа во пракса изгледа.

-На пример, доколку за некој производ пишува дека се продава многу краток период и дека мора итно да го купите зашто таква му е природата односно е при крај, тогаш тоа е измамна трговска пракса. Но тоа не може обичниот потрошувач да го знае, тоа може да го детектира Државниот пазарен инспекторат. Дека тоа е измамно во поглед на количеството на производот и во поглед на цената. Или на пример ако трговецот, во неговата трговска пракса препорачува стоки или продава производи кои се одобрени од некое тело имаат сертификати, а не е точно тоа. Тој на таков начин сака да го привлече потрошувачот да ги потроши парите баш на тој производ, некогаш прилично скап. Една од праксите е ако трговецот лажно тврди дека стоката може да излекува болести, нарушени функции или деформации. Преплавени сме од такви реклами. Луѓето што ни се јавуваат дури и се нервираат. Ваквите поп ап реклами ги има на одредени портали. Некои луѓе не знаат дека се измамни рекламите. Најстрашно е што може да ги остави лековите, ќе се посвети на некој лек кој не е лек и ќе има проблем со здравјето, објаснува Лончар.

Таа апелира и едуцира дека потрошувачите мора да се многу внимателни бидејќи државата не секогаш може да се најде во улогата на заштитник.

-Затоа треба и самите да гледаме како да се заштитиме и да престанеме да купуваме на Фејсбук работи кои не се сигурни. Секојдневие е да имаме поплаки за Фејсбук продажбата, дека купуваат производи и не ги добиваат какви што ги нарачале. Битни информации би требало да се дадени во рекламата. Од каде потекнува производот, кој е производител, белези, нутритивна етикета. Некогаш има само слика и многу агресивна реклама дека нешто лекува и ќе ве убедат дека имате некакви болести кои што некој производ веднаш ќе ви ги излекува. Тоа е првиот знак дека нешто не е во ред. Мора да знаете дали купувате од физичко лице или од правно лице. Потоа цената, часовник врти, побрзо да купите, дека сте добиле попуст. И веднаш ако добиете пониска цена, мора нешто да ви е сомнително. Треба да станеме внимателни купувачи. На пазарот сме оптоварени од разни производи, самите како потрошувачи мора да ги имаме сите податоци пред да платиме. 2500 денари се многу пари за некој чај. Тоа треба да ни биде знакот дека треба да се освестиме и да не го купуваме, додава таа.

Целиот разговор со госпоѓата Маријана Лончар, може да го погледнете во продолжение.

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот