Фото: Општина Битола

По десет години, почна обновата на изгорениот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер

По повеќе од 10 години од катастрофалниот пожар кој се случи на 28 јануари 2013 година, конечно почна обновата на планинарскиот дом Копанки на Пелистер.

Согласно потпишаниот договор помеѓу општината Битола со ПСК Пелистер , изработен е проект за реконструкција на планинарскиот дом Копанки.

Општина Битола минатата година во буџетот за реконструкција на планинарскиот дом издвои 3.8 милиони денари, додека во буџетот од 2023 година за реконструкција на планинарскиот дом Копанки предвидени се 2 милиони денари. Бидејќи во месец јули пред советниците на општина Битола на седница на Совет ќе се разгледува ребалансот на буџетот на општината, градоначалникот Тони Коњановски, најави дека за реконструкција на планинарскиот дом Копанки ќе предложи да се издвојат дополнителни 1 милиони денари, изјавија од општина Битола.

Инаку иако уште наредниот ден по пожарот, тогашната локална самоуправа, предводена од екс градоначалникот на Битола, Владимир Талески, најави брза обнова на домот, сепак во неговиот мандат не се случи ништо од тоа.

Наместо реконструкција на домот Копанки, во мандатот на ексградоначалничката Наташа Петровска почна судска постапка за докажување на тоа дали легализацијата на домот била законска или не.

Откако на чело на локалната власт дојде сегашниот градоначалник Тони Коњановски, локалната самоуправа ги прекина сите судски постапки и издвои 3.800.000 денари (околу 60.000 евра) за реконструкција на домот.

Сега, кога почнаа реконструктивните зафати, битолчани очекуваат дека тој конечно, по една деценија ќе биде обновен и дека не само битолчани, туку и сите љубители на планината и планинарите ќе можат да ги користат услугите на домот Копанки, за кого битолчани ги врзуваат многу емоции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот