
По Денови на македонска култура во Будимпешта следува Ден на унгарската книжевност во Скопје
Во просториите на културниот центар „Balkan Heritage“ на 30 мај со изложбата на Богларка Фодор насловена „Што ѕирка од под тепихот?“ и во волшебна атмосфера со прекрасна публика се одржаа „Денови на македонска култура во Будимпешта 2025“.
Препорачано
Златко Панзов ѝ се заблагодари на публиката за интересот и кажа дека конечно се реализираат неговите идеи за поврзување на уметници од двете земји, поддршка на унгарските уметници кои творат инспирирани од македонската култура и забрзаниот културен дијалог и културна дипломатија меѓу Македонија и Унгарија.
Самостојната изложба на Фодор го прикажува секојдневното животно пулсирање на Македонија низ очите на надворешен набљудувач – некој што набљудува без предрасуди, но со голема љубов. Оршоја Карафиат, унгарска поетеса и книжевна ѕвезда, на македонската читателска публика позната со романот „Малечката Лили“ во издание на „Или-Или“, напиша десет кратки текстови поврзани со илустрациите, испреплетени и со нејзините лични впечатоци од Македонија. Таа за изложбата кажа: „Не сакам да насликам хиперреалистичка слика за македонската стварност. Едноставно посакувам, кога некој ќе ги погледне овие слики да го почувствува истото што го чувствував и чувствувам кога сум таму. Но, дали е можно да се чувствува исто?“
Унгарското музичко дуо, „Буда Песме“ ја прошета публиката низ светот на народната македонска музика, а винаријата Ерос со својот асортиман на вина им овозможи на присутните да уживаат во автохтоните македонски вина Станушина, Жилавка и останатите уникатни вина на оваа македонска семејна винарија.
„Денови на македонска култура во Будимпешта 2025“ беа организирани од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Здружението на Унгарците од Македонија „Теледом“ и културниот центар „Balkan Heritage“ од Будимпешта, а се одржуваат со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
Во наредниот период во рамките на проектот „Дијалог меѓу културите“ изложбата ќе биде поставена во Скопје, Белград и други градови, а организаторите најавуваат два настани во Скопје.
На 5 јуни во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје македонската публика ќе има можност да ја погледне изложбата „Што ѕирка од под тепихот?“ и да ужива во интерпретациите на „Буда Песме“.
На 10 јуни во книжарницата „Или-Или“ ќе се одржи настанот „Ден на унгарската книжевност“. Издавачката куќа „Или-Или“ ќе овозможи попусти на сите преводи од унгарски јазик, а со почеток во 19 часот македонската публика ќе има можност да ги погледне илустрациите на Богларка Фодор аплицирани на торби, шолји, картички, во интерпретација на „Буда Песме“ ќе има можност да слушне изворна македонска музика, читателите ќе можат да се запознаат со преведувачот Златко Панзов и да уживаат во унгарски вина овозможени од Амбасадата на Унгарија во Скопје.