
По 7000 денари добија 62 семејства со новороденче во Центар
Градоначалникот на Општина Центар подели 62 решенија на семејства со новороденчиња за еднократна парична помош од 7.000 денари, која Општината ја доделува редовно, во рамки на проектот за првична помош и поддршка на родителите кои се жители на Центар и имаат принова во семејството. Покрај решенијата, Герасимовски на семејствата им подели и пригодни подароци од општествено одговорни компании.
Препорачано
Нашата задача е да направиме поубаво и подобро општество за сите нови генерации во општината, а мојата заложба како градоначалник е да инвестираме во детската заштита и создавање подобри услови за нега, образование и воспитание. Мило ми е што денеска запознав дел од нашите најмлади сограѓани, им посакувам добро здравје и среќно и безгрижно детство – рече Герасимовски.
За добивање на парична помош за новороденче, според Правилникот, потребно е да се поднесе барање, а во прилог да се достават на увид фотокопија од важечки лични карти или пасош за лична идентификација со адреса на живеење или престојување во Општина Центар, фотокопија од извод на родените за новороденчето и фотокопија од трансакциска сметка на барателот на оваа помош. Рокот за поднесување на барањето е до шест месеци од денот на раѓањето на новороденчето.
Од Општина Центар најавуваат дека и понатаму ќе продолжат со проекти од областа на детската заштита и дека ќе се грижат за најмладите кои претставуваат најголема радост за секое семејство.